Центарот за јавно здравје само утре нема да прави тестови за ковид-19, бидејќи ќе се тестира персоналот откако тројца нивни колеги од административната служба се со позитивни резултати, изјави директорот на оваа институција за Телма.
„Утре Центарот се тестира самиот себе и не ги земаме останатите брисеви, за да видиме ние вработените дали има некој друг заразен помеѓу нас. Се надевам дека брзо ќе пристигнат резултатите и ќе се прегрупираме. За понатаму ќе видиме, ако евентуално има позитивни. И нам ни треба проверка“,
вели Тони Димитриев.
Утрешното тестирање се спроведува за да се утврди дали има други заразени и кој треба евентуално да оди во самоизолација.
Ова не значи дека Центарот се затвора, и од среда ќе продолжи да врши тестирања за ковид-19 и за други пациенти. Вчера и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, во изјава за Телма кажа градот нема да остане без тестирања и најави дека едно од решенијата е ако треба и да се повикаат мобилни екипи кои ќе земаат брисеви од велешани.