Украина ќе успее. Во февруари мал број луѓе веруваа дека Украина ќе и се спротивстави на Русија, но ние докажавме дека можеме да победиме. Имаме потенцијал, имаме желба и волја и сигурно ќе победиме во оваа војна, рече претседателот на украинскиот парламент
Од првиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа, кој се одржа денеска во Загреб, испратени се пораки за поддршка на Украина.

Претседателот на хрватскиот Сабор Гордан Јандроковиќ по завршувањето на Самитот рече дека земјите учеснички еиспратиле јасна порака до претставниците на Руската Федерација, дека цивилизираниот демократски свет нема да се измори да ја поддржува Украина.
„Ја осудивме незаконитоста на анексијата, и порачавме на Русија да се повлече од Украина и да ја прекине војната“,
рече Јандроковиќ.
Претседателот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук додаде дека оваа средба е доказ за цивилизација и доказ за мир.
„Украина ќе успее. Во февруари мал број луѓе веруваа дека Украина ќе и се спротивстави на Русија, но ние докажавме дека можеме да победиме. Имаме потенцијал, имаме желба и волја и сигурно ќе победиме во оваа војна“,
рече Стефанчук.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се обрати на присутните преку видео врска.
„Украинското знаме повторно ќе се вее на Крим и ќе донесе европски вредности и крај на верскиот и етничкиот прогон на тој привремено окупиран полуостров“,
рече Зеленски.
Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси рече дека украинскиот народ се бори за демократија за сите нас.
Кримската платформа е украинска иницијатива за обединување на меѓународните напори за враќање на Крим на Украина. Првиот самит на ниво на шефови на држави или влади се одржа во август минатата година во Киев, а следниот годинава во август, во виртуелен формат.
Хрватска го прифати предлогот на Украина да биде домаќин на парламентарниот формат на „Кримска платформа“ поради војната во таа земја.