Спонзорирани објави на Фејсбук, пропагандни пораки, дезинформации се дел од нерегуларностите поврзани со изборниот процес што ги регистрира оваа организација
Набљудувачите на ЦИВИЛ, од почетокот на изборниот молк на полноќ на 13 јули, бележат многубројни случаи на кршење на изборниот молк, а во изминатите 24 часа недозволените активности на политичките партии се интензивираат.
Податоците што денеска ги објави граѓанската организација ЦИВИЛ се однесуваат на периодот од вчера во 12 часот напладне до 12 часот напладне денеска.
Како специфичен случај на кршење на изборниот молк е наведен оној на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев и неговата објава на Фејсбук во врска со поништување на 20 решенија и наредби за распоредување на вработени во Министерството за внатрешни работи што тој ги потпишал, а во која се споменуваат носители на листи и политички партии. Оваа објава како соопштение Чулев ја испрати и до медиумите за објавување во време на изборен молк.
Лажни вести во медиумите
ЦИВИЛ констатира зголемена активност на одредени интернет портали чии содржини се наменети исклучиво за, како што велат, ширење лажни вести и дезинформации, со намера да се создаде искривена претстава за одредени политички структури пред јавноста.
Тука ја посочуваат злоупотребата на анализата на порталот „Порталб“ кој пред изборниот молк објави анализа на прогнозите за изборните резултати од аналитичарот Роберт Несими, која портали, блиски до одредена политичка партија, ја објавиле анализата за време на изборниот молк во текот на вчерашниот ден, но, со „малку“ поинакви резултати, во корист на партијата што ги контролира, односно, различни од тие што се прикажани во анализата на Несими.
„Значи, освен кршење на изборниот молк, тука имаме и случај на ширење дезинформации“, велат од ЦИВИЛ.
Спонзорирани пропагандни содржини на социјалните мрежи
Неконтролирана онлајн-пропаганда од високи функционери и лидери на политички партии, како и нивни активисти во изборен молк е уште едно прекршување што го регистрирало ЦИВИЛ.
Така, во нивната анализа на изборниот молк, се вели дека речиси сите политички партии продолжуваат да го кршат изборниот молк, со тоа што на Фејсбук сè уште им течат спонзорирани видеа со пропаганден материјал.
Мониторинг-тимот на ЦИВИЛ регистрира 39 такви содржини сите на Фејсбук.
Една политичка партија има објавено дури 11 спонзорирани видео содржини на Фејсбук, и едно интервју од лидер на партија, за една национална косовска телевизија.
Друга поголема партија има осум спонзорирани содржини, следната има седум, две партии имаат по три, две партии имаат по две и две политички партии имаат по една спонзорирана содржина на социјалните мрежи кои го кршат изборниот молк.
Една од предизборните коалиции вчера претпладне ги стопирала спонзорираните објави на Фејсбук, но ЦИВИЛ забележал дека има уште една спонзорирана објава на еден кандидат за пратеник од истата коалиција, која сè уште е активна.
Црна пропаганда
Но, покрај официјалните фејсбук-профили на политичките партии или кандидати за пратеници, ЦИВИЛ регистрира и 12 фејсбук-страници кои спонзорираат политички видеоспотови без нарачател, а содржината е, пред сè, во категоријата црна пропаганда за одредена политичка партија.
Така, за една партија се објавени 7 содржини со црна пропаганда од седум различни фејсбук-страници, за друга политичка партија се објавени 3 содржини со црна пропаганда од две фејсбук-страници и од една фејсбук-страница, за една политичка партија има едно видео со црна пропаганда.
Во еден случај, на фејсбук-страница е објавено спонзорирано видео со ексклузивни снимки со екстремно физичко насилство врз пратеник од на 27 април 2017 година во македонското Собрание.
Видеосодржини со пропаганди пораки има и на социјалната мрежа Тик-ток, додека на Твитер карактеристичен е говорот на омразата, лажните вести и дезинформациите.
Од ЦИВИЛ велат дека за сите случаи постојат фото и видеозаписи, како и прецизни податоци и факти, кои ќе бидат презентирани во јавноста по завршување на изборниот молк.