Лидерот на сега опозициската СИРИЗА бара премиерот Мицотакис да свика лидерска средба и да испорача барања до ЕУ, пред сè за санкции кон Турција
Не постои сомнеж дека секоја влада ќе го стореше тоа што го направи оваа влада на Грција, од моментот кога постои овој масовен обид за мигрантски прилив во земјата, вели лидерот на СИРИЗА и поранешен грчки премиер Алексис Ципрас за затворањето на грчко-турската граница.
Во интервју за централното издание на вестите на телевизијата Мега, Ципрас го поддржа затворањето на границата, изјавувајќи дека земјата се наоѓа пред геополитичка закана и побара од премиерот Киријакос Мицотакис да свика лидерска средба.
„Се наоѓаме пред геополитичка закана, не пред драмата на бегалците, кои не треба ги третираме како непријатели и натрапници, туку пред геополитичка закана од страна на Турција. А кога имаме закана од геополитички карактер, ние политичките сили мора да имаме минимална рамка за разбирање. Ако не и едногласност“,
рече Ципрас.
Поранешниот грчки премиер рече дека земјата треба да побара од Европската унија суштинска поддршка, да се закани со вето во ЕУ на сите одлуки на Европскиот совет, но и со санкции за Турција. Рече и дека Турција еднострано го поништува договорот со ЕУ.
На прашање што би му кажал на Мицотакис ако беше спроти него, Ципрас рече дека за националните прашања владата има обврска да ги зема предвид и позициите на опозициските партии за да создаде национална стратегија.
„Ќе му побарав да го свика Советот на политички лидери и ќе му побарав да води политика на барања од Европската унија. Треба да имаме барања од партнерите. Да бараме промена на позицијата кон Турција, пред сè санкции“,
рече Ципрас.
Тој рече дека СИРИЗА поддржува план за намалување на бројот на бегалци и мигранти на островите и нивно префрлање во други делови на Грција.