Со мнозинство гласови членовите на Централното собрание на Алијансата за Албанците изгласаа иницијатива за разрешување на претседаталот на партијата, Арбен Таравари. По завршувањето на состанокот, претседателот на Централното собрание, Зијадин Села соопшти дека имале макотрпна дебата и од 108 присутни, 106 членови гласале „за“ иницијативата, еден бил против и еден воздржан. Според дневниот ред, првата точка предвидувала да биде отчет на Таравари за последните случувања во партијата, но откако констатирале дека претседателот на партијата не се појавил, преминале на следната – дебата за одлучувањата и иницијатива за разрешување.
„Како резултат и последица на оваа одлука, другата точка беше да се оди на конгрес кој ќе се одржи на 18 февруари и ќе се одлучува за иницијативата која ја донесе Централното собрание на Алијансата за Албанците, а тоа е разрешување на претседателот на партијата Арбен Таравари, поради грубо кршење на статутот на партијата“,
рече Села.
Прашан за можна кандидатура на претседателските избори, Села рече дека не размислува за тоа. Во однос на тоа дали ќе имаат свој претседателски кандидат, тој порача:
„Се наоѓаме во критична ситуација како држава. Знаете дека ни претстојат уставни измени кои требаше да бидат завршени за патот кон ЕУ да биде гарантиран, а преку тоа и повеќе стабилност кога многу политички актери од истокот се заинтересирани за несигурност и реализација на нивни геополитички цели. Според тоа, АА ќе се однесува како и секогаш, одговорно. Таква ќе биде и нашата одлука”,
рече Села.
Тој го повтори ставот дека партијата треба самостојно да настапи на изборите и порача оти уставните измени, според него, ќе бидат услов за формирање влада.
„Било кој да биде мандатар за формирање власт, најпрвин да се случат уставните измени, па после да се оди на формирање на влада“,
додаде Села.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, пред два дена одржа состанок во Куманово со членови на Централното собрание на кој и официјално беше одлучено за заеднички изборен настап со опозициските партии на Албанците.
Тој тогаш најави дека нема да присуствува на Централното собрание свикано од Села.
Главните несогласувања меѓу Таравари и Села кулминираа минатитот викенд откако на Фејбук, Таравари побара поддршка од Централното собрание за да им се приклучат на опозициските партии на Албанците, во пресрет на претстојните избори.
На ова реагираше генералниот секретар на АА и министер за правда Кренар Лога, кој напиша оти партијата веќе одлучила дека на изборите ќе оди самостојно. Му се приклучи претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој го обвини Таравари дека има шверцерски тенденции и напиша оти тој како поединец не одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.
Доцна синоќа беа разрешени министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу, по предлог на техничкиот премиер Талат Џафери, откако тие застанаа во поддршка на Таравари.