Директорката на Централниот регистар Марија Бошковска-Јанковски за „360 степени“ вели дека правен лек за случајот со преименувањето на училиштата е тужба до Управниот суд
Постапката во Централниот регистар за упис на промената на имињата на две училишта во Чаир е кристално чиста, вели директорката на оваа институција Марија Бошковска-Јанковски, откако лидерот на СДСМ и доскорешен премиер Зоран Заев оцени дека процедурата е незаконска, затоа што немало одлука на Советот на Општината.
Таа вели дека Централниот регистар не може да навлегува во исправноста на одлуката на министерот, за чие преиспитување може да се поведе постапка пред надлежниот суд.
Во изјава за „360 степени“, Бошковска-Јанковски посочува дека сè уште не ја слушнала изјавата на Заев и дека моментно не може да коментира во однос на тоа, ама тврди дека уписната промена која била спроведена вчера е врз основа на одлука на министерот за образование Арбер Адеми.

Таа посочува дека Централниот регистар во овој случај не навлегувал во тоа дали има одлука на општинскиот Совет, со оглед на тоа што, согласно документацијата што била доставена до институцијата, има одлука на министерот и на училишните одбори и позитивно мислење потпишано од претседавачот на Советот на Општината, која е основач на основните училишта на нејзина територија.

„Единствен правен лек во овој случај е засегнатата страна да поднесе тужба до Управниот суд. Тоа би било основа за евентуално коригирање на постапката и на податоците внесени во Централниот регистар,“
вели-Јанковски.
Од Централниот регистар објаснуваат дека постапката за упис е спроведена во согласност со Законот за едношалтерски систем и водење трговски регистер и регистер на други правни лица и Законот за високо образование. Согласно со член 39 од Законот за едношалтерски систем, Централниот регистер не ја испитува законитоста и вистинитоста на содржината на прилозите што се поднесуваат при упис во регистрите, не ја испитува законитоста на постапката во која тие се донесени и не испитува дали податоците што се запишуваат во регистрите се вистинити и во согласност со закон. За вистинитоста и законитоста на прилозите, како што велат од Централен регистар, одговара лицето определено со закон.
Директорите на двете училишта на 24 февруари ја поднеле во Централниот регистар пријавата за промена на називите на институциите, заедно со потребната документација. Централниот регистар, по разгледување на пријавите за упис и прилог – доказите, оценил дека се исполнети условите за упис и донел решенија со кои е извршен упис на бараните промени.
Централниот регистар, согласно Закон, не смее да испитува дали Решението од Министерството за образование и наука или Одлуката за измена на статутот од училишниот одбор се донесени во законска постапка, ниту да навлегува во вистинитоста на содржаните податоци. Доколку имало некои нерегуларности во постапката за промена од страна на училишниот одбор, општината ,Министерството или Централниот регистар ,овозможено е и правото на правен лек“,
велат од Централен регистар.
Претходно, министерот за образование Адеми преку социјалните мрежи објави дека се променети имињата на две училишта во Чаир – „Никола Вапцаров“, кое сега се вика „Исмаил Ќемали“ и „Рајко Жинзифов“, кое сега е „Имри Елези“.
Проблемот со преименувањето на двете училишта во Чаир се провлекува уште од 2012 година, кога ДУИ беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Денеска, пак, само што ДУИ објави дека „е добиена оваа битка“, лидерот на СДСМ посочи дека постапката е незаконска. Заев рече дека нема потреба од разгорување на национализми, туку дека мора да се постапува согласно законските прописи.

Јанковски се повикува на член 26 од Законот за основно образование, според кој училишниот одбор го донесува статутот на училиштата, а согласност за него дава Министерството за образование. Со статутот, меѓу другото, се уредува и називот на училиштето.