РКЕ денеска донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати, со која поскапување од два и пол денари има кај дизелот и бензинот БС-98, додека бензинот БС-95 ќе биде со цена повисока за два денари
Новиот претседател на Регулаторна комисија за енергетика Ацо Ристов изјави дека движењата и турбуленциите на цените на нафтените деривати во земјава и на светските берзи во голема мера зависат од глобалните политички и економски случувања.
Одговарајќи на новинарско прашање во емисија на ТВ 24, до кога може да се очекува нестабилност на цените на нафтените деривати, посочи дека влијание имаат и потезите на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Тоа најмногу зависи од американскиот претседател Доналд Трамп, односно на која нога ќе стане секое утро“,
рече Ристов.

Ова следува по денешната одлука на РКЕ за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати, со која поскапување од два и пол денари има кај дизелот и бензинот БС-98, додека бензинот БС-95 ќе биде со цена повисока за два денари.
„Ова се неделни корекции на цената на нафтените деривати. Тоа е една од редовните работи на регулаторот, секоја недела со новиот правилник ги донесува највисоките цени за малопродажба на нафтените деривати. Согласно движењата на берзантските цени и Законот за акцизи се прави формула која точно ја одредува цената. Секоја недела по понеделник ќе има корекција на цените, а до кога така ќе биде зависи од многу фактори“,
рече тој во интервју за Телевизија 24.
Сепак, како што додаде, РКЕ е должна тие случувања да ги следи и да ги регулира.
Според него, не е само цената во прашање, туку важно е регулаторот да се грижи и за снабдувањето со нафтените деривати.
„Во овој момент и во делот на производство на електрична енергија и на нафтени деривати засега државата е стабилна. Би можеле да се справиме и со поголеми предизвици од овој. Ова е увезена криза, која се менаџира релативно едноставно. Снабдувањето со нафтените деривати е стабилно“,
кажа Ристов.
Од полноќ, БС-95 ќе биде 87 денари за литар, БС-98 ќе се продава по цена од 89 денари за литар, а дизелот по цена од 92 денари за литар.
Ристов во истото интервју најави дека се прави анализа на системот на блок-тарифи со цел граѓаните да добијат пониска цена на електричната енергија.
Една од опциите што се разгледуваат, според него, е проширување на евтината дневна тарифа од сегашните два на пет часа.
