Трамп на 16 октомври потпиша извршна наредба со која привремено се суспендираат клучни санкции и царински мерки предвидени со новиот американски закон насочен кон Русија и Иран. Одлуката е донесена само неколку дена пред мерките да стапат во сила, а пазарите се охрабрени од можноста дополнителни количини руски енергетски производи да стигнат до светскиот пазар
Засилените напади врз трговските бродови минатата недела предизвикаа остар пад на протокот на сурова нафта од Персискиот Залив. Според аналитичката компанија „Кплер“, седумдневниот просек се намалил на околу 8,5 милиони барели дневно, од повеќе од 20 милиони барели дневно во претходната недела
Цените на нафтата денеска се намалија од највисокото ниво во последните пет месеци, бидејќи инвеститорите почнаа да ги повлекуваат добивките по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да укине дел од санкциите и царинските мерки кон Русија, што би можело да овозможи поголем извоз на руски енергенси, пренесува Ројтерс.

Цената на суровата нафта „брент“ падна за 2,29 долари, односно 2,08 отсто, на 107,57 долари за барел. Во петокот таа го достигна највисокото ниво од 19 мај.
Трамп на 16 октомври потпиша извршна наредба со која привремено се суспендираат клучни санкции и царински мерки предвидени со новиот американски закон насочен кон Русија и Иран. Одлуката е донесена само неколку дена пред мерките да стапат во сила, а пазарите се охрабрени од можноста дополнителни количини руски енергетски производи да стигнат до светскиот пазар.
Сепак, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека претседателот ќе одвои до 60 дена за да го процени влијанието на санкциите и царините врз глобалната економија.
Аналитичарката Пријанка Сачдева од „Филип Нова“ оцени дека одлуката на Трамп е уште еден обид да се спречи растот на цените на нафтата пред среднорочните избори во САД. Сепак, според неа, мерката нема значително да ги ублажи проблемите со снабдувањето преку Ормускиот Теснец, каде што и натаму има напади врз танкери.
Главниот аналитичар на „КЦМ Траде“, Тим Вотерер, оцени дека привременото исклучување од американските санкции кон Русија би можело да го зголеми рускиот извоз на горива, но неусогласените пораки од Вашингтон создаваат неизвесност на пазарот. Според него, сè додека не бидат разјаснети деталите и времетраењето на мерката, пазарот нема целосно да го земе предвид можното долгорочно зголемување на понудата.
Договорот за испорака на дизел беше постигнат меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Според најавите, Русија треба да испорача околу 2,3 милиони барели дизел во октомври, а потоа дополнителни количества, меѓу кои 500 000 тони во ноември. Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека договорот ќе ѝ наштети на Украина.
Нагло падна извозот на сурова нафта од Блискиот Исток
Цената на суровата нафта „брент“ во петокот накратко достигна 110 долари за барел, по првпат од мај, поради зголемените тензии и безбедносните закани на Блискиот Исток.
Засилените напади врз трговските бродови минатата недела предизвикаа остар пад на протокот на сурова нафта од Персискиот Залив. Според аналитичката компанија „Кплер“, седумдневниот просек се намалил на околу 8,5 милиони барели дневно, од повеќе од 20 милиони барели дневно во претходната недела.
Компанијата наведе дека минатата недела биле потврдени најмалку 10 инциденти со трговски бродови.
Тензиите во регионот дополнително би можеле да се зголемат откако Египет соопшти дека е подготвен да ѝ ја обезбеди на Саудиска Арабија потребната поддршка за заштита на нејзината безбедност и стабилност од јеменските Хути, кои се сојузници на Иран.
Финансиската групација „ДБС“ очекува цената на нафтата да се движи меѓу 100 и 110 долари за барел до среднорочните избори во САД. Според проценките на групацијата, Иран и неговите сојузници би можеле да придонесат цените на нафтата и горивата да останат една од главните теми што ќе влијаат врз расположението на американските гласачи.
„Американскиот претседател се обидува на различни начини да ги ограничи цените пред среднорочните избори, без директни отстапки кон Иран“,
изјави Сувро Саркар, раководител за енергетски истражувања во „ДБС“.
Според него, досегашните мерки, вклучително и привременото исклучување од санкциите кон Русија, се краткорочни решенија кои речиси и да нема да имаат долгорочно влијание врз состојбата со снабдувањето.
