Според Макрон, министерот за внатрешни работи треба да остане на функцијата за да се зачува комадната структура во рамките на полицијата и безбедносните сили, а тој, како што пишува Ројтерс, исто така, побарал од Нуњез итно да осмисли нов пристап за спречувањето на кражбите во продавниците, кои се случуваат за време на протестите
Францускиот претседател Емануел Макрон ја отфрли понудата на министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез да поднесе оставка од фукцијата по силниот бран насилни протести во текот на викендот, соопшти утрово Елисејската палата, пренесе Ројтерс.

Повод за протестите е јавното незадоволство во Франција поради зголемените трошоци за живот, влошување на јавните услуги и состојбата во образовниот систем.
Според Макрон, министерот за внатрешни работи треба да остане на функцијата за да се зачува комадната структура во рамките на полицијата и безбедносните сили, а тој, како што пишува Ројтерс, исто така, побарал од Нуњез итно да осмисли нов пристап за спречувањето на кражбите во продавниците, кои се случуваат за време на протестите.
Протестите ширум Франција прераснаа во немири во саботата, во кои беше запалена општинска зграда, беа ограбени продавници, а на објектите беа испишани графити, додека истовремено траеја судирите меѓу групи демонстранти и полицијата во повеќе градови во земјата. Вчера дојде до нови судири во Париз и во Марсеј каде полицијата за разбивање немири интервенираше за да спречи обиди за кражби во деловни објекти.
Францускиот премиер Себастијан Лекорну денеска треба да одржи итен состанок на кабинетот, на кој треба да се нправи проценка на последиците од насилството и грабежите што ја зафатија земјата во текот на викендот, објави Би-би-си.
Според некои проценки, во дел од случаите станува збор за најлошо нарушување на јавниот ред во поновата француска историја.
Се проценува дека околу 1 500 продавници и трговски објекти биле ограбени и уништени, поради што полицијата за спречување немири употребила солзавец и водени топови против демонстрантите.
Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека околу 1 000 полицајци биле повредени во саботата, од кои седум сериозно.
Макрон вчера се обрати до јавноста, меѓу другото, наведувајќи дека протестите ќе бидат забранети доколку е потребно, истовремено повикувајќи на мир и ред.
Францускиот претседател порача дека ништо не го оправдува насилството за време на протестите против високите животни трошоци и лошите услови во училиштата. Нагласи дека оние што ги напаѓале државните згради мора да одговараат и дека истрагите за незаконските дејствија треба да се спроведат што е можно поскоро.
Сепак, говорејќи за незадоволството од трошоците за живот, францускиот претседател во видеообраќањето призна дека граѓаните имаат причина да укажуваат на високите цени на горивата. Најави дека за нивниот раст ќе разговара за време на посетата на земјите од Персискиот Залив.
