Неколку изненадувања во новата влада. Потпретседателката на СДСМ и актуелна вицепремиерка, Мила Царовска, ќе биде министерка за образование и наука во новиот владин состав, дознава “360 степени”.
На чело на ресорот што Царовска го водеше во претходната влада, Министерството за труд и социјална политика, ќе застане Јагода Шахпаска. Таа досега беше пратеник од редовите на СДСМ и дел од собраниската Комисија за труд и социјална политика. На неодамнешните избори беше коносителка на листата во Изборната единица 3.
Во ресорот транспорт и врски доаѓа градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, кој е поранешен пратеник и потпретседател на СДСМ, а сега член на Извршниот одбор на партијата. Тоа би значело дека во Штип ќе треба да се организираат вонредни избори за градоначалник.
Во правда ќе министерува актуелниот главен технички преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ. Тој е секретар за меѓународна соработка на СДСМ.
Министерка за култура ќе биде досегашната пратеничка Ирена Стефоска. Таа е доктор на историски науки и досегашна претседателка на собраниската Комисија за култура.
Претходно „360 степени“ денеска објави дека од редовите на СДСМ, Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска и Венко Филипче и во новата влада ќе раководат со истите ресори: внатрешни работи, одбрана и здравство. За нов шеф на СЕП се најавува Никола Димитров. СДСМ треба да предложи и вицепремиер за економски прашања, функција на која е можно да дојде Фатмир Битиќи, претседател на партиската комисија за финансии.