Одложувањето на новата учебна година нема да ги одложи протестите на средношколците, кои се најавени за в понеделник – 31 август
Новата министерка за образование и наука Мила Царовска уште првиот работен ден, по изборот в недела, ќе се соочи со протести пред зградата на Министерството.
Средношколскиот сојуз не отстапува од закажаниот протест в понеделник (31 август), и покрај тоа што со вчерашната одлука на техничката влада во заминување почетокот на учебната година е одложен за еден месец, односно за 1 октомври.
Средношколците бараат учебната година да почне веднаш со комбиниран модел на настава, а не онлајн, во општините каде што нема многу заразени со коронавирусот.
Претседателот на Сојузот, Бленди Ходаи, за МИА изјави дека е нивни предлогот учебната година да почне на 1 октомври. Предлогот го презентирале на средба во Владата, затоа што сметале дека треба да има повеќе време надлежните да подготват комбиниран модел на настава.
Иницијаторите на протестот се против наставата да почне онлајн во сите средни училишта, како што е планирано, туку со комбиниран модел, односно ротирање на средношколците во класовите на секои два дена (следење на наставата онлајн и физичко присуство) и пристапот да не биде централизиран, туку секоја општина да организира модел според епидемиолошката состојба, односно според бројот на заразени. Инсистираат на комбинирана настава и затоа не го откажуваат протестот.
„Во изјавите вчера од Владата имаше промена на реториката и демагогија. И, за да се одземе вниманието за протестот, рекоа дека ќе има комбиниран модел. Ние ќе протестираме за да имаме комбиниран модел од 1 октомври, а не наставата да почне онлајн, а моделот да се смени потоа“,
изјави Ходаи.
На средбата со Комисијата за заразни болести, како што рече, им било сугерирано дека е побезбедно наставата да ја почнат онлајн, а потоа состојбата ќе се мониторира и во зависност од тоа моделот ќе се менува.
„Ние сакаме децентрализиран пристап, а не една одлука за сите. На пример, во Тетово, од каде што сум јас, има многу заразени со ковид-19 и не треба да се оди во школо, туку треба ригорозна онлајн-настава. Но, ако е некој од Охрид, Ресен или Струга, каде што нема многу заразени секој ден, треба да се оди во школо. Да не сме базирани што има Скопје, Куманово или Тетово“,
додаде Ходаи.
Сојузот на средношколци има ограноци во 17 града во земјава и, како што рече нивниот лидер, ќе имаат голем број претставници на протестот в понеделник, а ќе им се придружат и родители што поддржуваат модел за каков што тие се залагаат. Почетокот на протестот е закажан во 17:30 часот пред Министерството за образование и наука и е планирано да заврши пред Владата.
Владата на вчерашната седница ги усвои и протоколите за изведување настава во основните и во средните училишта со физичко присуство на ученици.