Новата министерка за образование и наука, Мила Царовска, на првиот работен ден се соочи со протести на средношколците кои бараат да нема само онлајн настава туку и физичко присуство.
Таа денеска остварила и средба со нив, како и друга средба со родителите, по што на Фејсбук објави дека во оние училишта каде има услови, наставата од први октомври може да почне со физичко присуство.
„Врвен приоритет е започнувањето на училишната година на први октомври, за што како Влада нудиме комбиниран модел за настава. Во училиштата каде се исполнети условите од протоколите, наставата може да почне со физичко присуство, а таму каде нема услови, часовите ќе се следат онлајн. За овој, но и за другите предизвици во образованието, денес разговарав на два состанока, едниот со средношколците, а другиот со родителите. Учениците, наставниците и родителите ќе бидат наши постојани и рамноправни партнери во сите реформски процеси“,
објави Царовска на Фејсбук.
Од објавата не е јасно дали средбите се одржале пред или по протестот кој започна во 17:30 часот пред просториите на Министерството за образование и наука, а продолжи пред Владата.
Министерката, посочија од МОН, истакнала дека е свесна дека секој наставник, ученик, родител има свои желби и размислувања за тоа како треба да изгледа наставата, но додаде дека треба да се најде баланс меѓу заштитата на јавното здравје и учењето. Царовска, велат оттаму, е сигурна дека со заеднички заложби успешно ќе заврши оваа училишна година.
На состанокот, средношколците побарале да бидат вклучени како рамноправен партнер во сите политики коишто се однесуваат на младите и учениците. На средбите бил донесен заеднички заклучок дека продолжува соработката и дијалогот меѓу средношколците, наставниците, родителите, МОН и другите институции, со цел да се најде најдоброто решение за наставата и образовните процеси во услови кога земјата се соочува со пандемија.
На протестот попладнево, пак, средношколците скандираа „Сакаме да учиме“, а носеа и транспаренти на кои пишува „Стоп за неквалитетно онлајн образование“, „Владата онлајн, учениците офлајн“, „Назад во клупа“, „Сакаме подобро образование“, „Ништо за нас без нас“, „Ве молам, не ме терајте да се преселам во Европа“ и др.
На протестот покрај средношколци од ограноците на Сојузот низ државата, им се придружија и наставници и родители, а на средношколците им изрази и Првата детска амбасада „Меѓаши“.
Протестот го организираше Сојузот на средношколци, а како што и претходно објавија нивните барања се да има комбинирано или хибридно учење како најефикасен начин на учење за време на пандемијата, засновано врз епидемиолошката состојба во градовите, секоја општина и секое училиште посебно да одлучува како е најдобро и најбезбедно да се посетуваат часовите, праксата во стручните училишта да се извршува со физичко присуство и почитување на мерките, да се обезбедат средства за здравствена хигиена, а онлајн настава да има во случај кога различни групи или пет проценти од персоналот и учениците ќе бидат позитивни во период од 14 дена.