Според проценките, во моментов не постојат причини и потреби за продолжување на вонредната состојба, изјави вицепремиерката Мила Царовска во емисијата „Отворено“ на ТВ 24, во однос на можноста за продолжување на вонредната состојба која завршува в сабота.
Царовска појасни дека таа беше потребна за носењето на уредби со законска сила за економските мерки.
„Вонредната состојба и дава можност на Владата да носи потребни мерки со цел подобро справување со коронакризата, последната беше потребна токму заради третиот економски пакет односно носење на уредби со законски сила”,
рече Царовска.
Таа најави дека Владата за ов, како и за сите други прашања поврзани со ковид-19, ќе заседава и одлучува во текот на следните денови.
Во однос на здравствениот аспект, Царовска посочи дека добро е што болниците не се преоптварени, односно здравствениот систем е подготвен за периодот што претстои, а за евентуални нови рестрикции во иднина, вонредна состојба не е потребна.
„Секој е одговорен за своето и за здравјето на другите. Имаше доста граѓани кои присуствуваа на настани без почитување на протоколите за заштита. Имаше изречени мерки. Секако, тоа требаше да биде позасилено, но не исклучиво преку репресија, туку и преку други начини како информирање”,
рече Царовска.
Таа посочи дека верските настани очигледно придонеле за раст на новозаболени.
„За жал, не се исполни очекувањето дека верските лидери ќе испорачаат изјави и пораки за заштита на верниците. Очекував дека синхронизирано ќе ги повикаат граѓаните да ги почитуваат мерките, но тоа не се случи”,
рече Царовска.