Важно е да бидеме дел од развиените држави затоа што лани ние бевме негативен исклучок поради тоа што не можевме да спроведеме матура, вели Царовска
Државна матура ќе има и ќе биде со поедноставени прашања и програми, вели министерката за образование Мила Царовска коментирајќи ги поделените ставови на средношколците, кои се против одржување матура или бараат да се полага само за два предмета и со скратени програми.
Царовска вели дека матурата е законска обврска, а новини во начинот на полагање ќе се воведуваат од следната школска година.
„Ние сме спремни матурата да се спроведе на соодветен и безбеден начин со концепцијата којашто е донесена и усогласена со формалните здруженија на средношколци и матуранти, коишто беа на состанок во МОН и каде што утврдивме дека следната година треба да ја менуваме концепцијата и на тоа работиме. И оваа година воведовме новини и свежина кои заеднички со учениците беа предложени и на овој начин ќе ја спроведеме матурата. Програмите се поедноставени и прашањата, согласно условите во кои ќе треба да се изведе оваа матура, но важно е да бидеме дел од развиените држави затоа што лани ние бевме негативен исклучок поради тоа што не можевме да спроведеме матура. Тоа направи огромни проблеми на учениците кои што требаше да се запишат и во високо образование дома, а уште повеќе за оние требаше да се запишат надвор од државата и голем дел од нив не успеаjа да аплицираат надвор заради тоа што немаат положен матурски испит“,
рече Царовска на денешната прес-конференција.
Сојузот на средношколци смета дека целосното откажување на матурата ќе донесе повеќе штета отколку корист и бара да има матура, но да се ограничи на два предмета и со скратени програми.
Дел од средношколците, пак, ја бојкотираат наставата и бараат одложување на матурата.