Инспекторите утврдиле дека починатиот работник немал респираторна заштита. Обдукцијата на неговото тело треба да покаже од каква хемиска материја починал, а неговиот колега се здобил со повредите. Сепак, целиот извештај од надзорот, како што соопштија од Трудовиот инспекторат, ќе биде комплетиран откако од сопственикот на свињарската фарма ќе биде предадена потребната документација
Државниот инспекторат за труд вчера изврши вонреден инспекциски надзор на свињарската фарма во светиниколското село Амзабегово откако таму почина едно лице, а друго е повредено по труење со хемиска материја.

Според првичните информации, починатиот работник ја отворил решетката која ги поврзува халата со дупката. Тој се симнал во дупката за да го провери шиберот, кој го повлекува течното ѓубриво од халата кон дупката.
Инспекторите утврдиле дека починатиот работник немал респираторна заштита. Обдукцијата на неговото тело треба да покаже од каква хемиска материја починал, а неговиот колега се здобил со повредите.
Сепак, целиот извештај од надзорот, како што соопшти директорката на Инспекторатот, Весна Томовска, ќе биде комплетиран откако од сопственикот на свињарската фарма ќе биде предадена потребната документација.
„Трудовиот инспекторат веднаш по добивањето на пријавата излезе на местото и од самиот увид утврди дека е случена несреќа при работа, со фатална последица за еден од работниците, а другиот работник е со потешки повреди и истиот е транспортиран на Клиниката за токсикологија во Скопје. Со оглед на тоа што во моментов на надзорот од страна на работодавачот не е презентирана потребната документација врз основа на која би се утврдила целата целокупната фактичка состојба од страна на инспекторите е задолжено работодавачот во текот на денешниот ден да ја презентира на увид потребната документација“,
вели Томовска.
Вториот работник, кој во моментов се наоѓа на Клиниката на токсикологија, според првичните медицински наоди, се здобил со оштетувања на мозокот, не препознавал никого, го загубил говорот и манифестирал неартикулирани движења. Потенцијалните мозочни оштетувања ќе се знаат по утрешната компјутерска томографија.