На годишно ниво најголемо зголемување има во секторот транспорт, кој е повисок за 11 отсто. По него се алкохолните пијалаци и тутунот, кои се поскапи за 9,3 отсто

Индексот на трошоците на живот во мај годинава бележи зголемување од 4,8 отсто во однос на истиот месец претходната година. Индексот на цените на мало, пак, е зголемен за 5,6 отсто, покажува најновиот извештај на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во мај, во однос на април годинава, изнесува 0,6 отсто.
На годишно ниво најголемо зголемување има во секторот транспорт, кој е повисок за 11 отсто. По него се алкохолните пијалаци и тутунот, кои се поскапи за 9,3 отсто.

Храната и безалкохолните пијалаци на годишно ниво се поскапи за 4,7 отсто, а речиси исто толкав процент повисоки цени се плаќале и за покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување на домаќинствата.
Значаен пораст има и во секторот рекреација, спорт и култура, кој е повисок за 5,5 отсто.
И на месечно ниво секторот транспорт бележи најголемо зголемување – 1,6 отсто. Храната и безалкохолните пијалаци за еден месец биле поскапи за еден процент, а за исто толку биле повисоки цените и на облеката и обувките.
Во мај, во однос на претходниот месец, намалување на трошоците на животот е забележано кај групите покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување на домаќинствата, лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги, кои се пониски од 0,1 до 0,4 отсто.
Државниот завод за статистика објави и дека индексот на цените на мало во мај бележи зголемување од 0,8 отсто во однос на претходниот месец, а на годишно ниво индексот на цените на мало бележи зголемување од 5,6 проценти.

Најголемо зголемување кај цените на мало на месечно ниво има кај земјоделските производи, кои се повисоки за 4,4 отсто.
За 1,3 отсто во февруари поскапи биле и прехранбените производи.
И на годишно ниво најголемо поскапување има кај земјоделските производи, и тоа за 6,7 отсто, а кај непрехранбените индустриски производи тоа е повисоко за шест проценти.
