На 10 март истекува периодот на изолација на сите сопатници кои на 26 февруари пристигнаа со првата заболена пациентка
Стабилна е здравствената состојба на сопружниците од општина Центар Жупа, заболени од коронавирусот, кои се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Од Министерството за здравство информираат дека и првата заболена пациентка е во стабилна здравствена состојба. Нејзиниот последен контролен тест беше негативен, но во текот на утрешниот ден ќе биде направен уште еден за да се провери резулатот, односно да се потврди дека таа повеќе не е заразна.
На 10 март, како што се наведува, истекува периодот на изолација на сите сопатници кои на 26 февруари пристигнаа со првата заболена пациентка. Тоа е практично 14. ден на кој ќе биде направена темелна евалуација од страна на епидемиолозите, по што ќе биде прекината или продолжена изолацијата соодветно за секој поединечен случај.
Во текот на вчерашниот ден, Државниот санитарен и здравствен инспекторат ги подели решенијата на сите патници и блиските контакти на заболените кои на 27 февруари пристигнале во земјата, кои подразбираат здравствен надзор и контрола на домашната изолација во соработка со полицијата. За непостапување по решението следуваат правни санкции, информираат од Министерството за здравство.
Согласно новата состојба и мерките кои ги презеде италијанската влада, во текот на утрешниот ден, по состанокот со Комисијата за заразни болести и формираниот Комитет за следење и информирање за состојбите со коронавирусот, а во консултација со сите релевантни институции, од Министерството за здравство потенцираат дека ќе информираат за евентуални нови мерки за превенција и заштита од натамошно ширење на вирусот.