Поднесено е обвинение против три лица за неовластена продажба на амфетамин со тежина од седум килограми која требало да се случи во скопско Катланово во средината на декември 2022 година, информираат од скопското обвинителство. Оттаму објаснуваат дека амфетаминот, со вкупна маса од 7 044 грама, требало да биде продаден за 15 000 евра, додека вредноста на црниот пазар би изнесувала 40 000 евра.

„Кога се сретнале за да се реализира продажбата, другите двајца обвинети стоеле во непосредна близина за да известат доколку забележат движење или присуство на полиција. При полициска акција, координирана од надлежниот јавен обвинител, обвинетите биле затекнати и се обиделе да избегаат. Сепак, полициските службеници ги лишија од слобода тројцата обвинети, а психотропната супстанција ја запленија“,
соопштија од Основното Јавно обвинителство Скопје .

МВР претходно извести дека двајца од обвинетите ѝ биле претходно познати на полицијата.
„Како дел од истата операција, во тек е постапка против уште едно лице, осомничено за помагање при извршување на кривичното дело, додека со едно осомничено лице кај кое беше откриено помало количество дрога вчера беше склучена предлог-спогодба со која тоа го признава делото“,
додаваат од обвинителство.