Како што соопштија од МВР, двајца од градежните работници се извадени и со возило на Итната медицинска помош се пренесени на комплексот клиники „Мајка Тереза“. Се работи на извлекување на третиот градежник
Тројца градежни работници утринава биле затрупани со земја при ископ на темели на зграда во скопска Кисела Вода. Несреќата се случила на градилиште на улица „Козјак“, а во полиција е пријавена нешто по 8 часот утринава.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека двајца од градежните работници се извлечени и со возило на Итната медицинска помош се пренесени на комплексот клиники „Мајка Тереза“.
„Во координација со Центарот за управување со кризи и Бригадата за противпожарна заштита се преземаат мерки за вадење и на третото лице“,
соопштија од МВР.
Од ЦУК информираат дека првиот повик за несреќата го добиле во 8:14 часот, а четири минути подоцна добиле повик од доктор Драган Панов од Итната медицинска помош во Скопје кој побарал асистенција од противпожарната бригада за извлекување на затрупаните лица.
