„Ова е двојна игра од страна на Народна банка на Македонија“. Ова за порталот Фактор првично го изјави бизнисменот Трифун Костовски, сопственик на Еуростандард банка, за која попладнево на пресконференција гувернерката на НБРСМ, Анита Бежоска- Ангеловска, соопшти дека и ја укинува дозволата за работа и утре пред судот ќе предложи стечај за банката.
Бизнисменот Костовски за во петок најавува пресконференција на која до јавноста ќе се обратат акционерите на банката.
„Народна банка цела година не држеше под строги мерки и не ни дозволуваше да работиме и да заработиме. Како можеме да ја подобриме состојбата на банката кога Народна банка цела година не држи под строги мерки. Ако не можеш да работиш, не можеш ниту да заработиш за да ја подобриш состојбата“,
вели Костовски за Фактор.
Бизнисменот нагласува дека за изминатата година кога Еуростандард била под строги мерки, неа само дополнително и се влошило портфолиото.
„Практично, ние имавме забрана за работа од НБРСМ. Како во тој случај да се подобри состојбата? Исто така, НБРСМ не прифаќаше ниту еден од нашите предлози за надминување на состојбата и за евентуална продажба на банката“,
вели Костоовски за Фактор.
За одлуката на Народна банка вели дека е еднострана.
„Ако веќе беа решени да не затворат, тоа требаше да го направат уште пред една година, а не за овој период уште дополнително да заглавиме со 15 милиони евра“,
вели Костовски за Фактор.