Од Кривичен информираат дека согласно законските одредби, Судот не може да определи построги мерки за обезбедување присуство од мерките што ги предлага јавниот обвинител
По предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), скопскиот кривичен суд им определи 30-дневен притвор на осуммина од вкупно 23 осомничени во случајот „Адитив“. Меѓу нив е и ексдиректорот на ЕСМ, Васко Стефанов, кој утринава заедно со дел од другите осомничени беше спроведен во Кривичниот суд Скопје.
„Судот го прифати предлогот на основниот јавен обвинител и на осомничените В.С., П.С., М.С., М.Ј., Д.С., Н.С., Р.С. и П.М. им определи мерки притвор во траење од 30 дена поради постоење на основите од член 165. ст.1, т.1., 2. и 3. од Законот за кривична постапка, односно опасност од бегство, влијание врз сведоци и околности дека може да го повтори делото. За осомничениот М.С., имајќи ја предвид неговата возраст и преземените дејствија, судот му определи мерка куќен притвор“,
информираат попладнево од Кривичниот суд Скопје.
На другите 13 осомничени во случајот, Кривичен одреди мерки за претпазливост.
„За осомничените Д.С., С.М., П.Ч., Д.С., А.М., З.Н., З.А., С.М., М.В., Д.Ч., В.М., Н.Н. и С.К., Судот определи мерки за претпазливост согласно член 146 ст.1, т.2, 3. и 6., односно одземање патна исправа, обврска повремено да се јавува во судот, забрана за одржување и воспоставување контакти, како и т.7 за одредени лица, односно забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело“,
додаваат од Кривичен.
Мерки за претпазливост Кривичен му определи и на осомничениот поранешен директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој во моментов е недостапен за органите на прогонот и е надвор од државата.
„За осомничениот В.К., кој до овој момент не е лишен од слобода ниту е спроведен или се јавил во судот, до Основниот кривичен суд Скопје, надлежниот јавен обвинител достави предлог за определување
мерки за претпазливост согласно член 146 ст.1, т.2, 3. и 6. односно Одземање патна исправа, обврска повремено да се јавува во судот и забрана за одржување и воспоставување контакти, за кои Судот дополнително ќе одлучува откако истиот ќе биде обезбеден од органите на прогон“,
Од Кривичен информираат дека согласно законските одредби, Судот не може да определи построги мерки за обезбедување присуство од мерките што ги предлага јавниот обвинител.