„Ова се луѓе на кои им биле доверени високи државни функции од една страна, а од друга страна се луѓе што преку ноќ формирале фирми без вработени. Претходно се занимавале со продажба на канцелариски материјали, а наеднаш стануваат фирми што тргуваат со ваков тип адитиви и заработуваат милионски суми пари. Има и голем број докази дека она што е плаќано е најмалку трипати повеќе од реалната цена“, рече министерот
Ексдиректорот на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, кој е еден од осомничените во вчерашната акција „Адитив“, не е достапен за домашните органи на прогон, но полицијата ќе стори сè што е рамките на нејзините надлежности тој да биде изведен пред лицето на правдата. Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговарајќи на новинарско прашање за шпекулациите во јавноста во однос на тоа каде се наоѓа Ковачевски и дали се откажал од македонското државјанство.

„Посоченото лице е во рамките на регистарот на државјани на Македонија и е македонски државјанин. Согласно информациите што ги поседувам, не побарало отпуст. Не би сакал да шпекулирам каде се наоѓа и би оставил органите на прогонот да постапуваат“,
рече тој.
Според него, оваа акција е најголема што е спроведена во Македонија, од аспект на штета на буџетот која е сторена за време на енергетска криза.
„Ова се луѓе на кои им биле доверени високи државни функции од една страна, а од друга страна се луѓе што преку ноќ формирале фирми без вработени. Претходно се занимавале со продажба на канцелариски материјали, а наеднаш стануваат фирми што тргуваат со ваков тип адитиви и заработуваат милионски суми пари. Има и голем број докази дека она што е плаќано е најмалку трипати повеќе од реалната цена“,
кажа Тошковски.
Има основани сомненија, како што рече министерот, за фингирани понуди при отпочнување на процесот на јавната набавка.
„Она што е набавено во ТЕЦ ‘Осломеј‘ ниту еден отсто не е потрошено, односно нула отсто од адитивите се ставени во функција. А во другото правно лице, како во РЕК ‘Битола’, 95 отсто од адитивите не се ставени во употреба“,
вели министерот.
Упати порака до сите поранешни и сегашни функционери дека нема да дозволат повторно да се случи ваков криминал, како и дека ќе работат на откривање на ваквите дела.
„Криминалот на сметка на народот е недозволив. Сето она кое во постапката е одземено или ќе следува во насока на замрзнување на имот, ќе биде конфискувано. Досега се одземени околу 220 илјади евра во различни валути и доколку се докаже дека овие сомневања што го имаме се поткрепени со криминал, тие ќе бидат конфискувани“,
рече тој.
Првичната штета на буџетот, според министерот, е 6,5 милиони евра.
„Не би застанал на првичната вредност, односно постојат сомненија дека она што е набавувани во вредност на злато, а не е употребувано, а тие пет отсто кога биле употребени предизвикале дополнителна штета на блоковите. Доколку се докаже дека е сторена дополнителна штета, таа ќе треба некој да ја плати. А, некој ќе треба да ја плати и предизвиканата штета во енергетскиот сектор“,
кажа министерот.
Инаку, сознанијата за Ковачевски велат дека се наоѓа во земја членка на Европската Унија.
Дека тој се наоѓа надвор од земјата вчера потврди и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека очекува ексдиректорот на ЕСМ наскоро да биде обезбеден и вратен назад во земјава.
Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Стефанов, кој заедно со Ковачевски е еден од осомничените во акцијата „Адитив“, денеска е спроведен во Кривичниот суд. Тој вчера е приведен откако претходно не беше достапен за органите на прогонот во земјава. Според сознанија на „360 степени“, тој се наоѓал во една соседна земја и во текот на денот се вратил во земјава, најверојатно, како што рекоа нашите извори, откако дознал дека се бара во кривична постапка.
Од Обвинителството вчера соопштија дека во период од 13.04.2023 до 23.08.2024 година, дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД „Пошта на Северна Македонија“ создале група која имала за цел вршење на кривични дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по чл. 273 од Кривичниот законик.