Три родилки, кои се породиле во скопската гинеколошка болница Чаир, не кажале дека имале контакт со позитивен на ковид-19, а потоа се докажало дека и тие имаат коронавирус, пренесува САКАМДАКАЖАМ.мк
Директорот на Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“, Башким Исмаили, вели дека 18 медицински работници во моментов се во изолација бидејќи овие три пациентки не дале точни податоци кога им била правена епидемиолошката анкета.
„Една од родилките, чиј сопруг бил позитивен, ја откривме пред да ја однесеме во родилната сала. Веднаш со возило на Брза помош ја пренесовме на Клиниката за гинекологија. За другите две родилки дознавме дека имале позитивен член на семејството, а потоа и тие се заразиле откако беа пуштени од болница. Навистина, криењето е голем проблем со кој се соочуваме. Апелирам и ги молам родилките, но и сите други пациенти да бидат искрени при епидемиолошката анкета. Сите пациенти се потпишуваат на анкетниот лист кога ја даваат изјавата. За давање неточни податоци треба да се одговара“,
вели директорот Башким Исмаили.