УЈП од следната година ќе предложи лимитот на повратот наместо 1 800 денари за тримесечие, да биде 2 100 денари
Управата за јавни приходи (УЈП) во координација со Министерството за финасии ќе поднесе предлог за измена на Законот за враќање на дел од ДДВ на физички лица, со која од 1 јануари 2023 ќе се зголеми лимитот на повратот, и наместо 1 800 денари за тримесечие, граѓаните ќе може да добијаат максимален износ од 2 100 денари.
Ова според директорката на УЈП Сања Лукаревска ќе претставува стимул и кај граѓаните и кај компаниите, едните да бараат, а другите да издаваат фискални сметки.
На денешната прес-конференција по повод три години од „МојДДВ“, Лукаревска рече дека преку мерката во изминатите три години се вратени 4,2 милијарди денари, или близу 68,3 милиони евра.
Според Лукаревска, мерката Мој ДДВ има сериозно директно влијание врз подобрување на семејните буџети, зголемување на бројот на издадени сметки, наламување на сивата економија и нелојалната конкуренција.
Апликацијата стартувала со 212 776 корисници, а денеска брои близу 460 000, а најмногу скенирани фискални сметки има во Скопје и тоа 259 милиони.
Најмногу скенирање сметки има од бензиските пумпи, мали и големи маркети, аптеки, продавници за облека и бела техника, а најголем број од корисниците се жени.
„Жените повеќе ја користат Мој ДДВ апликацијата. До крајот на мај годинава имало 245 924 корисници жени, додека 212 598 се машки. Задоволство е што граѓаните ја прифатија апликацијата од сите возрасти од 15 до 98 години“,
истакна Лукаревска.