Случајот со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје ја вознемири целата македонска јавност. Како што информираа вчера на прес-конференција Спасовски и Бубевски, Вања била грабната рано утрото на 27 ноември во влезот од зградата во која живеела
Децата се безбедни. Не треба да создаваме паника кај граѓаните дека децата не ни се безбедни. Убиството на Вања Ѓорчевска е изолиран случај и тоа вчера го потврдија и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и обвинителот Гаврил Бубевски, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска по учеството на тркалезна маса: „Спречи, одговори, заштити: Како да се зајакне борбата против семејното насилство во Република Северна Македонија“ во организација на ОБСЕ.
„И министерот Спасовски и обвинителот вчера рекоа дека тоа е изолиран случај. Не треба да создаваме паника кај граѓаните дека децата не ни се безбедни. Децата се безбедни, меѓутоа токму и за тоа зборувавме и на панелот дека новото време носи нови предизвици. Развојот на ИТ-технологијата, социјалните мрежи, наместо да ја подобрат информираноста кај граѓаните, тие преку лажните вести, говорот на омраза создаваат проблеми кај менталното здравје кај голем дел од народот. Така што, како институции мора да се приспособиме на ова ново време, а и како МТСП во чија надлежност се децата. Сакам да ги уверам родителите дека децата се безбедни, безбедни се училиштата, безбедни се установите од предучилишно образование, тука се институциите да работат на уште поголема сигурност и на семејствата и на секој еден граѓанин во државата“,
рече Тренчевска одговарајќи на новинарско прашање.
Случајот со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје ја вознемири целата македонска јавност. Како што информираа вчера на прес-конференција Спасовски и Бубевски, Вања била грабната рано утрото на 27 ноември во влезот од зградата во која живеела.
Информациите за времето на излегување од домот, како што соопшти министерот според првичните сознанија, на организаторите им биле достапни уште претходната вечер. Тие знаеле дека Вања тоа утро ќе излезе сама од домот.
Откако било грабнато, девојчето со врзани раце и нозе било ставено во вреќа за спиење, па во гепекот на возилото „ситроен“ кое било во сопственост на 74-годишниот велешанец, за чие убиство се осомничени истите лица кои се сомничат за исчезнувањето и смртта на Вања.
Пред „ситроенот“, цело време се движело возило „рено канго“.
Девојчето потоа било однесено на локација надвор од Скопје, каде што, според изјавите на сведоците, било извршено убиството и бил запален „ситроенот“ со кој девојчето било грабнато.
Министерот Спасовски претходно информираше дека таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска, чие безживотно тело завчера беше пронајдено во околината на Скопје, индиректно бил вмешан во организирањето на киднапирањето на девојчето со цел да се изнудат пари од мајката на малолетничката.