Тренчевска посочи дека легитимно е и да се информира јавноста дека е потпишан новиот Општ колективен договор, со кој е опфатен и Синдикатот на УПОЗ, како членка на синдикатите

Легитимно е да се протестира. Во земја каде што владеат демократијата и слободата можете да видите протести на улица. Она време кога во државата никој не смееше да протестира е заборавено и никогаш нема да се врати. Ова е одговорот на министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска на новинарско прашање за денешните протести во организација на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).
Тренчевска посочи дека легитимно е и да се информира јавноста дека е потпишан новиот Општ колективен договор, со кој е опфатен и Синдикатот на УПОЗ, како членка на синдикатите.
„Со новиот Општ колективен договор платите во септември на сите вработени во јавниот сектор ги зголемивме 10 отсто, има предвидено зголемување за во септември 2024 година и од март 2025 година да можеме да ја воспоставивме новата методологија, којашто ќе биде со коефициенти помножени со просечна плата и тоа е договорот, којшто после 16-17 години го склучивме со Сојузот на синдикати, како репрезентативен синдикат. Се договориме дека тоа ќе биде методологијата за раст на платите“,
рече Тренчевска при денешната посета на Кавадарци.
Според неа, во изминатиот период во сите сектори на вработените им се зголемени платите најмалку по 10 проценти, а во споредба од пред неколку години во некои сектори платите се зголемени и за 80 отсто, а некаде, како што вели Тренчевска, и до 100 отсто.
Денеска стотиците вработени во организација на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) денеска излегоа на протест пред Собранието од каде побараа од пратениците од сите политички партии, пред кои веќе е предлог-буџетот за следната година, да ги поддржат во нивните барања за покачување на платите.