Врховниот суд попладнево го доби барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за „Транспортер“. Тоа беше поднесено на 6 јануари годинава, а по одлуката од Стразбур адвокатот на Талески, Димитар Дангов, испратил уште еден поднесок кој е надоврзување на првиот. Сега Врховен првпат е исправен пред предизвикот да се произнесе за помилувањата, за кои не се произнесе Европскиот суд за човекови права во Стразбур со објаснување дека не се исцрпени сите правни лекови пред домашните судови
Адвокатот Димитар Дангов, бранител на ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески, кој прв поднесе апликација во Стразбур, вели дека по одлуката на ЕСЧП секој суд треба да одлучи за помилувањето, но не од аспект на даденото помилување, туку од аспект на тоа дали повлекувањето на помилувањето може да произведува правно дејство од аспекти на кои се засноваат поднесените жалби во судот во Стразбур

Ноември 2017 година. Тогаш во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур пристигнува првата апликација поврзана со предметите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Подносител беше поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, како еден од обвинетите во случајот „Транспортер“ за злоупотреба на службената положба и овластување, а поврзано со организирање ученички превоз.
Истиот месец подоцна се редат апликации и од поранешниот градоначалник на Пустец, Албанија, Едмонд Темелко, па од експремиерот Никола Груевски, ексминистрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, ексшефот на кабинет на директорот на УБК, Тони Јакимовски, а во јуни 2018 г. евидентирана е и апликацијата од неговиот шеф Сашо Мијалков.

Основа за да се обратат до Стразбур беше одлуката на тогашниот претседател Ѓорге Иванов да ги помилува – која подоцна тој ја повлече. Апликациите ги поднесоа жалејќи се дека се прекршени два члена од Европската конвенција за заштита на човековите права: членот 5 кој се однесува на правото на слобода и безбедност и членот 6 кој се однесува на правото на правична судска постапка.
Поранешните функционери, всушност, настапија со тезата дека еднаш дадено помилување не може да биде повлечено.
Чекаа речиси пет години, за на 16 февруари годинава ЕСЧП да се произнесе дека нивните жалби се недопуштени бидејќи не се исцрпени сите домашни правни лекови.
- Стразбур не се изјасни за помилувањата од Иванов, туку смета дека жалбите на таа основа биле преуранети
- (ВИДЕО) Што мисли Стразбур кога жалителите ги упатува да ги исцрпат домашните правни лекови – одговара Лазарова-Трајковска
„Транспортер“ денеска „транспортиран“ во Врховен

Владимир Талески би можел повторно да биде првиот што по втор пат ќе се обрати до Стразбур бидејќи е најблиску до тоа прв да ги исцрпи домашните правни лекови. Тој во „Транспортер“ правосилно е осуден на седум години затвор, казна што веќе ја издржува во затворот во Прилеп. Тоа значи дека предметот ги поминал првата и втората судска инстанца – Основниот кривичен суд и Апелација, па сега останува да се најде пред Врховниот суд. Одбраната поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда во кое како еден од своите аргументи го наведува помилувањето, а предметот попладнево преку првостепениот суд пристигнал во Врховен. Засега е тешко да се предвиди кога Врховен би одлучил, бидејќи треба да се распореди кај судија известител и да се побара мислење од Јавното обвинителство на РСМ.

На прашањето на „360 степени“ – дали во случаите кои беа опфатени со помилувањата од експретседателот Ѓорге Иванов постои опција, доколку странките побараат, Врховен да се произнесе за помилувањата, оттаму објаснуваат дека тоа може да го направат доколку одбраната во конкретен предмет тоа го наведе како еден од своите аргуметнти.
„Доколку во конкретен предмет би се истакнале наводи кои се во врска со прашањето за аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Врховниот суд, во согласност со своите уставни и законски недлежности, би ги разгледувал засебно во рамките на тој предмет и би се произнесол по истите. При одлучувањето, Врховниот суд постапува и одлучува во согласност со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот“,
велат од Врховен.
Адвокатот Дангов очекува судовите да одлучат дали Иванов можел да го повлече помилувањето
Барањето кое пристигна денеска во Врховен преку Основниот кривичен суд во Скопје, одбраната во „Транспортер“ го поднела на 6 јануари годинава. Адвокатот на Талески, Димитар Дангов, вели дека во него како дел од основите на кои се повикува е помилувањето.

„Меѓу другите правни основи за поднесување на овој вонреден правен лек, истакнат е основот за немање на правна можност за кривично гонење на господинот Владимир Талески во овој предмет поради даденото помилување од страна на претседателот на државата во текот на 2016 година. При изнесување на овој правен основ наведени се сите правни аспекти кои произлегуваат од примената на правниот институт помилување подведени на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка, со посебен осврт на сите донесени пресуди на судот во Стразбур, како и на пресудата на Врховниот суд на Грција донесена во постапка за екстрадикција на лица кои се помилувани на ист начин и поради постоење на идентична правна пречка за кривично гонење беше одбиено барањето за нивна екстрдикција“,
вели адвокатот на Талески, Димитар Дангов, кој е уверен дека правните аспекти што ги истакнал во барањето до Врховен докажуваат дека Иванов не можел да го повлече помилувањето.
Одлуката од Стразбур, според него, значи дека треба да се донесат одлуки од домашните судови во прв, втор и трет степен односно Основниот кривичен суд, Апелација и Врховен што значи дека Врховниот суд е последниот што треба да се произнесе.
„Во моментов, од сите предмети каде има помилување, предметот ‘Транспортер’ е во најнапредна фаза на одлучување пред Врховниот суд. Секако, не е исклучено и пониските судови кои постапуваат по идентични предмети да може да се произнесат во духот на одлуката на судот во Стразбур и за ваши сознанија во два предмети пред Основиот кривичен суд Скопје веќе и се дадени такви предлози од одбраната“,
вели Дангов.
По одлуката од Стразбур на 16 февруари, тој вели и дека поднел поднесок кон веќе поднесеното барање за вонредно преиспитување од 6 јануари. Во него, вели, се осврнува на она на што упатува ЕСЧП.
„Според тоа, се укажува на судовите во државата да не чекаат некое идно произнесување на судот во Стразбур по ова правно прашање, но веднаш секој суд од фазата во која постапува да одлучуваат за помилувањето. Но, не од аспект на тоа дека е повлечено даденото помилувањето и затоа е возможно кривично гонење, но од аспект на тоа дали извршеното повлекување на даденото помилување може да произведува правно дејство од аспекти на кои се засноваат поднесените жалби во судот во Стразбур, кои според соопштението на 16 февруари оваа година, изричито се акцептираат како релевантни, по истите, домашните судови да се произнесуваат со свои одлуки, со оглед дека истите произлегуваат и од правното стојалиште на судот во Стразбур заземено во други предмети во кои овој суд веќе има донесено мериторни одлуки дека еднаш дадено помилување не може да се повлече“,
вели Дангов.
Со констатацијата дека исцрпувањето на домашните правни лекови значи произнесување на трите судски инстанци – Основен, Апелација и Врховен, во однос на аболицијата, согласни се и од Коалицијата „Сите за правично судење“, која со свои набљудувачи врши мониторинг на судските процеси.

„Во самата одлука на ЕСЧП е наведено дека Уставниот суд пропуштил да се произнесе за уставноста на дадените помилувања од претседателот, додека пак домашните судови пред кои се водат кривичните постапки сè уште не се осврнале на влијанието кое даденото помилување го има врз кривичните постапки, туку во насока на Уставниот суд, само констатирале дека повлеченото помилување е во согласност со Уставот. Тоа значи дека посебната постапка пред Уставниот суд повеќе не е ефективен правен лек, па така одговорноста сега е префрлена на Основниот кривичен суд, Апелациониот суд во постапките по жалба и Врховниот суд со произнесување по вонредните правни лекови“,
велат од Коалицијата.
Со други зборови, како што велат, само откако сите три инстанци би донеле одлука која е неповолна за обвинетите лица, тие би можеле да се обидат повторно со постапка пред ЕСЧП.
Според Апелација, помилувањето нема никакво влијание зашто Иванов го повлекол

Помилувањата од Иванов беа само еден од основите по кои адвокатите и обвинетите во случаите од СЈО ги оспоруваа предметите и пред првостепениот и пред второстепениот суд. Таков е случајот и со „Транспортер“. Основниот кривичен суд Скопје на 31 март 2020 година ја објави пресудата за случајот и го осуди Талески на осум години затвор. За виновни беа прогласени и останатите 20 обвинети од кои половина добија условни, а половина затворски казни. Одбраната и обвинителството се жалеа до Апелација, која на ексградоначалникот на Битола му ја намали казната за една година, но му ја отфрли жалбата. Меѓу другото, помилувањата беа еден од основите со кои тој и адвокатот сакаа да ја побијат пресудата.
Видно од објавената правосилната пресуда од второстепениот суд, на јавна седница на 1 септември 2021 година, адвокатот на Талески, Димитар Дангов, навел дека обвинетиот е „помилуван за стореното кривично дело, за што постои постапка пред судот за човекови права“.

Виштата обвинителка Валентина Стојановска на истата седница ги оспоруваше жалбите на обвинетите и според тоа што е запишано во пресудата, за помилувањата навела дека одлуката на поранешниот претседател Иванов претставувала пречекорување на неговите уставни и законски овластувања бидејќи под привидот на помилување тој, всушност, дал амнестија што е исклучива надлежност на Собранието.
По наводите на странките, судиите од Апелација одлучиле дека повикувањето на одлуката за помилување нема влијание бидејќи Иванов потоа ја поништил.
„Судот во овој дел го ценеше и жалбениот навод на обвинетиот Владимир Талевски дека истиот е помилуван со одлука за помилување на претседателот Ѓорги Иванов, меѓутоа за истиот оцени дека е неоснован особено ако се има предвид фактот дека тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов донел Одлука под број 08-795/1 од 27 мај 2016 година со која се поништува одлуката за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка бр. 08-537/1 од 12.04.2016 година објавена во Службен весник на РМ бр. 72/16, а истата се однесувала и за обвинетиот Владимир Талески, поради што одлуката за помилување на која се повикува одбраната не е од влијание за поинакво одлучување во конкретниот случај“,
пишува во пресудата од Апелација.
До каде се останатите предмети за кои имаше апликации во Стразбур
Дека „Транспортер“ е најблиску до исцрпување на домашните правни лекови, потврдува и тоа што останатите предмети кои се споменуваат во одлуката на ЕСЧП од Стрзбур сè уште не се стигнати до правосилност – одлука на Апелација.
Останатите апликанти до Стразбур се обратија како обвинети во случаите „Тортура“, „Титаник 1“, ТНТ и „Таргет-Тврдина“.

„Тортура“, кој се однесува на начинот на апсење на Љубе Бошковски по изборите во јуни 2011, лани во јули заврши со ослободителна пресуда од Основниот кривичен суд Скопје за Сашо Мијалков и припадниците на „алфите“. Предметот во моментов се наоѓа во Апелација, каде јавна седница била одржана на 7 февруари годинава и се чека одлука.
„Титаник 1“ пред првостепениот суд заврши за дел од обвинетите кои признаа вина. Меѓу нив се и апликантите во Стразбур, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, кои по признанието на вина добија затворски казни од 2,5 односно 4,5 години. И овој предмет се наоѓа во Апелација, каде првично беше закажана седница за утре (23 март), но по барање за странките се одложила и сега треба да се одреди нов датум.
Иста е ситуацијата и со „ТНТ“. Таму меѓу првостепено осудените се двајца од оние што се жалеа во Стразбур – Миле Јанакиески кој доби четири и Тони Трајковски кој доби три години затвор. Првично, јавна седница во Апелација беше закажана за 20 март, но се одложи и е презакажана за 8 мај 2023 година.
„Таргет-Тврдина“, пак, како што е познато, на 27 февруари почна од почеток пред Основниот кривичен суд Скопје откако претходно Апелацискиот ја укина осудителната пресуда и го врати предметот на повторно судење.
Помилување, масовни демонстрации, па повлекување од Иванов

Поранешниот претседател Иванов ја донесе одлуката за помилувања во април 2016 г. и таа се однесуваше на повеќе од 50 лица опфатени во случаите на СЈО, но и надвор од нив. Одлуката тогаш предизвика масовни демонстрации и негодувања во јавноста, но и полемика од стручната фела дали воопшто можел да додаде помилувања.
Тој аболицијата ја даде повикувајќи се на член 11 од Законот за помилување. Меѓутоа, она што беше спорно е дали тој член воопшто бил во сила во 2016 година кога беше дадена аболицијата или не. Зошто?

Членот 11 предвидува „претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилувања и без спроведување на постапката за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека тоа е оправдано“.
Членот е дел од Законот донесен во 1993 г. Меѓутоа, во 2009 година, кога Бранко Црвенковски како претседател на државата го помилува Зоран Заев, тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ изгласа законски измени со кои го избриша членот 11.
Но, во 2016 година – непосредно пред Иванов да одлучи да даде помилување, тогашниот состав на Уставниот суд ги укина измените на Законот од 2009 година. Она што го спореа дел од експертите во однос на аболицијата е дека претседателот, сепак, и покрај одлуката на Уставен не можел да го изврши помилувањето бидејќи тоа што се укинати законските измени од 2009 година не значи и дека е „оживеан“ и вратен во сила членот 11.

Поради бурните реакции, револтот и масовните протести што ги предизвика Иванов во април 2016 г., тогашниот парламентарен состав за да му овозможи основа да ги повлече помилувањата, кои и така беа оспорувани, донесе законски измени вметнувајќи член 11-а кој предвидуваше: „претседателот може во рок од 30 дена од денот на донесување на законот да го поништи помилување“. Тоа и се случи.