Санкциите против Русија за кои размислува Трамп би траеле додека не се постигне прекин на огнот и конечен мировен договор

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека размислува за воведување нови санкции и царини против Русија по новите руски напади врз Украина во текот на ноќта.
„Со оглед на фактот дека Русија во моментов буквално ја ‘меле’ Украина на бојното поле, сериозно размислувам за широки банкарски санкции и царини против Русија додека не се постигне прекин на огнот и конечен мировен договор“,
напиша Трамп на неговата платформа Трут сошал.
Во пораката тој ги повика двете страни да преговараат.
„До Русија и Украина – седнете на маса сега, пред да биде предоцна. Ви благодариме“,
напиша Трамп.
Трамп се соочи со критики за неговиот притисок врз Украина, вклучително и неговиот коментар минатиот месец дека Киев, а не Русија, е одговорен за започнување на војната, пишува Ројтерс.
Заканата на Трамп за воведување санкции и царини кон Русија доаѓа неколку дена откако Ројтерс објави дека Белата куќа подготвува план за потенцијално олеснување на санкциите кон Русија како дел од напорите на администрацијата да стави крај на војната и да ги подобри дипломатските и економските односи со Москва.
Украинската волонтерска служба која ги надгледува воздушните напади денеска информира дека во текот на ноќта траел најголемиот руски напад оваа година, со помош на бродови од Црното Море.
Портпаролот на украинската морнарица Дмитро Плетенчук рече дека во текот на ноќта биле истрелани до 20 проектили и додаде дека руската Црноморска флота сè уште е помалку активна од минатата година.