Според него, делегацијата предводена од потпретседателот Џеј-Ди Венс, заедно со специјалниот претставник Стив Виткоф и советникот Џаред Кушнер, веќе е на пат кон Исламабад, каде што треба да се одржат разговорите со иранските претставници
Клучно прашање во разговорите, според Трамп, останува нуклеарната програма на Иран. Посочи дека Иран мора да се откаже од нуклеарното оружје
Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли тврдењата на Иран дека нема да учествува во новата рунда мировни преговори во Пакистан и нагласи дека разговорите ќе се одржат и постои подготвеност за дипломатски напредок.

Во изјава за весникот „Њујорк пост“, Трамп порача дека преговорите се неопходни и изрази уверување дека нема простор за одложување.
„Треба да ги имаме разговорите“,
рече тој додавајќи дека очекува сите страни да пристапат сериозно.
Посочи дека делегацијата предводена од потпретседателот Џеј-Ди Венс, заедно со специјалниот претставник Стив Виткоф и советникот Џаред Кушнер, веќе е на пат кон Исламабад, каде што треба да се одржат разговорите со иранските претставници.
Трамп изрази и подготвеност за директна средба со високи ирански лидери доколку се појави можност за пробив во преговорите.
„Немам проблем да се сретнам со нив“,
кажа Трамп.
Клучно прашање во разговорите, според Трамп, останува нуклеарната програма на Иран.
„Иран мора да се откаже од нуклеарното оружје. Нема да има нуклеарно оружје“,
вели американскиот претседател додавајќи дека земјата има потенцијал за развој доколку се придржува до тие услови.
Иако не сакаше да открие какви мерки би презеле САД во случај на неуспех на преговорите, сепак, предупреди дека последиците нема да бидат добри.
Висок функционер од Иран, како што пренесуваат светските медиуми, изјави дека Техеран позитивно гледа на можноста за учество во евентуални мировни преговори со САД, но нагласи дека конечна одлука сè уште не е донесена.
Разговорите се одвиваат во услови на зголемени тензии и неколку дена пред истекот на договорениот прекин на огнот, што дополнително ја нагласува нивната итност и значење за стабилноста во регионот.
