Според ирански извори, се очекува американските и иранските делегации да одржат втора рунда мировни преговори во понеделник. Американските власти засега не потврдија официјално дека разговорите се закажани
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е можно да не се продолжи привременото примирје меѓу САД и Иран доколку преговорите не резултираат со договор до среда, што ја зголемува неизвесноста за евентуална ескалација на конфликтот, пренесува Си-ен-ен.

„Можеби нема да го продолжам, но блокадата (на иранските пристаништа) ќе остане“,
им рече Трамп на новинарите на авионот „Ер форс уан“ на враќање кон Вашингтон од Феникс, Аризона.
Според него, ако нема долгорочно решение, ќе мора, како што додаде, повторно да почнат да фрлаат бомби.
Според ирански извори, американските и иранските делегации се очекува да одржат втора рунда мировни преговори во понеделник. Американските власти засега не потврдија официјално дека разговорите се закажани.
И покрај тоа, Трамп претходно изрази уверување дека двете страни се приближуваат кон можен договор.
Во меѓувреме, во Либан, првите 24 часа од најавеното десетдневно примирје поминаа без поголеми инциденти, иако либанските власти го обвинија Израел за неколку прекршувања на договорот.
Ситуацијата на терен останува кревка, додека дипломатските напори за постигнување трајно решение продолжуваат.
Трамп вчера рече дека американската поморска блокада на иранските пристаништа ќе остане и покрај тоа што претходно иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи објави дека Ормускиот Теснец е отворен за целиот комерцијален сообраќај.
Тој на неговата социјална мрежа Трут сошал објави дека американската поморска блокада на иранските пристаништа ќе остане во полна сила додека не се постигне договор со Иран.
Додаде дека процесот треба да се одвива брзо, со оглед на тоа што „повеќето од точките се веќе договорени“.
