Трамп неговата социјална мрежа Трут сошал објави дека американската поморска блокада на иранските пристаништа „ќе остане во полна сила“ додека не се постигне договор со Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека американската поморска блокада на иранските пристаништа ќе остане и покрај тоа што претходно иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи објави дека Ормускиот Теснец е отворен за целиот комерцијален сообраќај.
Трамп на неговата социјална мрежа Трут сошал објави дека американската поморска блокада на иранските пристаништа „ќе остане во полна сила“ додека не се постигне договор со Иран. Тој додаде дека процесот треба да се одвива брзо, со оглед на тоа што „повеќето од точките се веќе договорени“.
„Ормускиот Теснец е целосно отворен и подготвен за бизнис и целосен премин, но морската блокада ќе остане во полна сила и ефект во врска со Иран, до времето кога нашата трансакција со Иран не е завршена 100 отсто. Овој процес треба да оди многу брзо, бидејќи повеќето од точките се веќе преговарани“,
напиша Трамп.
За околу два часа Трамп на Трут сошал напиша неколку објави. Во една од нив вели дека НАТО му понудил помош на САД со Ормускиот Теснец.
„Сега кога ситуацијата со Ормускиот Теснец е завршена, добив повик од НАТО во кој ме прашаа дали ни е потребна помош. Им реков да се држат подалеку, освен ако само не сакаат да ги наполнат своите бродови со нафта. Тие беа бескорисни кога беше потребно“,
објави Трамп.
Трамп во објавите ја прослави објавата на Иран дека Ормускиот Теснец е отворен, прогласи дека американската поморска блокада е сè уште на сила и прогласи дека на Израел сега му е забрането од САД да го бомбардира Либан.
Според објавите на Трамп, Иран се согласил никогаш веќе да не го затвори Ормускиот Теснец и дека тој повеќе нема да се користи како оружје против светот.
Претходно, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи објави дека Ормускиот Теснец е отворен за целиот комерцијален сообраќај и оти одлуката е донесена во согласност со прекинот на огнот меѓу Израел и Либан и ќе важи до неговото истекување.
Израел и Либан вчера со посредство на САД договорија десетдневен прекин на огнот, што стапи во сила на полноќ по локално време.
