Волц беше дел од американскиот тим што преговараше за мировен договор меѓу Украина и Русија и присуствуваше на преговорите во Саудиска Арабија во март, на кои беше предложен 30-дневен прекин на огнот
Претседателот на САД, Доналд Трамп потврди денеска дека го разрешува својот советник за национална безбедност Мајк Волц по протекувањето информации во групен разговор на апликацијата Сигнал во кој високи американски функционери разговарале за воена операција за напад на јеменските хути.
Како што посочи Трамп, Волц е новиот избор за амбасадор на САД во Обединетите нации.
„Со задоволство објавувам дека ќе го номинирам Мајк Вoлц за следен амбасадор на Соединетите Американски Држави во Обединетите нации. Од времето кога беше во униформа на бојното поле, во Конгресот и како мој советник за национална безбедност, Мајк Вoлц работеше напорно за да ги стави интересите на нашата нација на прво место. Знам дека ќе го стори истото и на својата нова улога. Во меѓувреме, државниот секретар Марко Рубио ќе служи како советник за национална безбедност, додека продолжува со своето силно лидерство во Стејт департментот. Заедно, ќе продолжиме неуморно да се бориме за да ја направиме Америка и светот повтроно безбедни. Ви благодарам за вашето внимание на ова прашање!“,
објави Трамп на неговата социјална мрежа Трут сошал.

Волц беше дел од американскиот тим што преговараше за мировен договор меѓу Украина и Русија и присуствуваше на преговорите во Саудиска Арабија во март, на кои беше предложен 30-дневен прекин на огнот.