Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека повеќе нема да им се обраќа на новинарите за пандемијата со новиот коронавирус, бидејќи, според него, тоа не вреди.
Тој ова синоќа го напиша на Твитер, откако со неговата изјава за лечење на ковид-19 со средство за дезинфекција предизвика светска полемика и осуда од здравствените власти.
„За што служат конференциите за новинарите во Белата куќа кога злонамерните медиуми се ориентирани да поставуваат непријателски прашања и потоа одбиваат да ја кажат вистината или точните факти. Имаат рекордна гледаност, а американскиот народ нема ништо освен лажни вести. Затоа не заслужува да се трудам“,
напиша Трамп на Твитер.
Трамп во четвртокот изјави дека инјектирање на средство за дезинфекција во телото може да го убие новиот коронавирус, а исто така предложи и зрачење на телото на пациентот со УВ-зраци. Еден ден подоцна американскиот претседател изјави дека не делел совети туку бил саркастичен.
Директорката на американскиот Завод за јавно здравство во сојузната држава Илиноис, Нгоки Езике, денеска изјави дека е регистриран значителен пораст на труење со дезинфекциски средства во последните два дена.
Таа посочи дека примиле пациенти кои со детергенти се обидувале да ги измијат синусите, додека едно лице правело гаргара со мешавина од избелувач и вода за уста за да го уништи новиот коронавирус.
„Вбризгување и шмркање средства за чистење е опасно. Не го советуваме тоа, тоа може да биде смртноносно“, посои д-р Езике.