Тој додаде дека има „многу одлични луѓе“ во неговиот тим кои биле со него „од самиот почеток“, истакнувајќи дека ја цени поддршката на Десантис за него откако тој се повлече од трката
Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп денеска изјави дека е „малку веројатно“ гувернерот на Флорида, Рон Десантис, да има некаква улога во неговата администрација доколку биде избран за претседател на САД во ноември годинава.
„Тоа е малку веројатно, но морам да бидам искрен, сѐ е можно. Иако, мислам дека е малку веројатно“,
изјави Трамп за Фокс њуз.
Тој додаде дека има „многу одлични луѓе“ во неговиот тим кои биле со него „од самиот почеток“, истакнувајќи дека ја цени поддршката на Десантис за него откако тој се повлече од трката.
Зборувајќи за противничката и поранешна гувернерка на Јужна Каролина, Ники Хејли, Трамп кажа дека е лут на неа.
„Таа работеше за мене две и пол години. Беше добра, не одлична. Кога замина, им кажа на сите дека никогаш нема да се кандидира против претседателот“,
изјави Трамп.
Во Њу Хемпшир утре ќе се одржат внатрепартиски избори, каде што Трамп има голема предност пред Хејли.
Претходно се одржаа прелиминарни избори во државата Ајова, каде што Трамп убедливо ги победи Десантис и Хејли.
Гувернерот на американската држава Флорида се откажа од трката да стане претседателски кандидат на републиканците на изборите во САД и го поддржа својот противник, поранешниот претседател Доналд Трамп.
Десантис ја објави својата одлука вчера на својот профил на платформата Икс (поранешен Твитер).