Поранешниот претседател на САД и фаворит од редовите на републиканците за нов мандат на изборите оваа година долго време ја обвинува Кина за нефер трговски практики и за кражба на интелектуална сопственост
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека ќе воведе повисоки царински давачки за кинеските производи доколку победи на претседателските избори во САД кои треба да се одржат во ноември годинава.

Ова Трамп го кажал во интервју за американската телевизија Фокс њуз, пренесува Би-би-си, најавувајќи дека царинските тарифи за кинеските производи би можеле да се покачат и над 60 отсто.
„Мораме да го направиме тоа“,
рекол тој во интервјуто емитувано вчера.
Трамп, кој во моментот е фаворит за претседателски кандидат на Републиканската партија, во меѓувреме се соочува со повеќе обвиненија и судски процеси, меѓу кои и оној за обидот за поништување на изборните резултати од последните избори за претседател во 2020 година.
Поранешниот претседател, кој пред четири години загуби на изборите од тогашниот противкандидат и актуелен американски претседател Џо Бајден, ги негира сите обвиненија со кои се соочува.
Во однос на Кина, тој долго време ја обвинува азиската земја за нефер трговски практики и за кражба на интелектуална сопственост, а на ова се осврнал и во вчерашното интервју.
„Знаете, не сакам да ја повредам Кина. Сакам добри односи со Кина. Мислам дека тоа би било одлично. Но, тие навистина ја искористија нашата земја“,
рекол фаворитот од редовите на републиканците за претседателски кандидат.
Инаку, за време на неговото претседателствување, Трамп предизвика жестока трговска војна меѓу двете најголеми светски економии воведувајќи царини за стоки кои доаѓаа од Кина во вредност од стотици милијарди долари.
Администрацијата на Трамп првин почна со наметнување на ограничувања насочени кон кинескиот увоз во 2018 година, а ваквата политика подоцна истата година ескалираше со воведување на царински давачки за стоки како морска храна до хемикалии.
На ваквите мерки Пекинг тогаш одговори со реципрочни давачки за производите што ги увезува од САД, вклучувајќи соја, пченица и живина, потсетува Би-би-си.
Администрацијата на актуелниот американски претседател Џо Бајден во голема мера ги задржа царинските тарифи, и покрај критиките дека тие довеле до зголемување на цените и ги направиле САД помалку конкретни.
Инаку, САД се најголемиот извозен пазар на Кина повеќе од две децении.
Сепак, ограничувањето на економските врски меѓу САД и Кина добива поддршка од некои републикански и демократски пратеници. Неодамнешниот извештај на Комитетот на Претставничкиот дом препорача повисоки царини за увоз од Кина и ограничувања на кинеските инвестиции во САД.