Ако успееме да го задржиме бројот на мртви од коронавирусот под 100 000 тоа ќе значи дека е направена добра работа, изјавил американскиот претседател Доналд Трамп на прес-конференција во Белата куќа, јавува „Гардијан“.
Ова е промена на оптимистичкиот став на Трамп, оценува медиумот, со оглед на тоа што тој претходно предвидуваше дека ќе започне да ја рестартира американската економија до Велигден (12 април).
Претседателот на САД, исто така, соопштил дека ја продолжува препораката за социјално дистанцирање за уште 30 дена, а ова доаѓа откако епидемиолозите го предупредиле дека најголемата опасност од пандемијата допрва доаѓа, како и дека врвот на бројот на жртви на дневно ниво може да се достигне за две недели.
САД се искачија на врвот на листата според бројот на заразени. Според статистичкиот веб-портал „Ворлдометар“, во САД има 142 753 заразени, додека бројот на починати изнесува 2 489 лица.