Новинарката Оливера Трајковска, во дебата во емисијата „360 Степени“ на Алсат, го анализираше првиот круг од претседателските избори и очекувањата за вториот.
– После референдумот и Заев зборуваше дека е свесен дека за ова ќе плати цена. Фазата во референдумската кампања беше – ве молам, таа цена да не ја испорачувате сега околу прилично важното прашање каква што е одлуката на македонските граѓани во врска со нејзините перспективи, прифаќајќи го името Република Северна Македонија. Предолго не можете да ги одлагате одговорите на гласачите и вие да им местите кога е вистинскиот момент да кажете што мислите за мене. Вистинскиот губитник на овие избори е Зоран Заев. Значи не Стево Пендаровски, туку Зоран Заев, и тој има сериозно што да размисли на половина од својот мандат. Ако сме фер, кога ВМРО-ДПМНЕ падна од 450 илјади на 330 илјади, од парламентарните на локалните избори, кога исто така велевме, ВМРО-ДПМНЕ е делегетимирана, ова е опасен тренд, тие се обидуваа да ги користат аргументите дека секоја од властите си се легитимира или делегитимира во зависност од тоа за што се натпреваруваме. Тогаш одговараше да речеме, кога сме на парламентарни сме победиле, локални избори се сосема друго, и претпоставувам сега и другата страна ќе ја користи истата аргументација, дека не можеме да правиме такви префрлања со бројки, од едно во друго. Но во овој случај, наративот на кандидатот на СДСМ во претседателските избори, всушност водеше кампања во која се трудеше да објасни дека заклучно со претседателските избори ние ја затвораме таа голема приказна на мандатот на властите, потрошен за да ја остварат таа цел. Значи, во таа смисла не е неважно да споредуваме дека гласовите кои ги добиле на референдумот сега недостигаат. Мојата лична перцепција е дека граѓаните имаа сериозни причини зошто сакаат да му кажат на СДСМ дека вака повеќе не може, но и тој прогресивен граѓански круг, либерален, којшто се најде пред предизвик на прилично тешко прашање како што е одлуката за името, се почувствува длабоко незадоволен, изневерен, потценет, навреден, од начинот како Зоран Заев и СДСМ ги менаџираа работите кои стигнаа по референдумското прашање. На пример, бегството на Никола Груевски… знаете, дури и мене како новинар ми е неподносливо да слушам кога сега ми кажуваат каков е будимпештанскиот тестамент и што му кажува Груевски на Мицкоски, и тие прашања ги поставуваат претставниците на власта, кои до ден денешен не ни дадоа одговор, всушност, како побегна Никола Груевски – рече Трајковска.