Во однос на цената која изнесува околу 20 милиони евра по километар, директорот на ЈПДП вели дека станува збор за комплексен планински предел, каде што се предвидени повеќе тунели и мостови
Во втората половина на август ќе почне изградба на автопатот Скопје-Блаце, по потпишувањето на договорот со конзорциум предводен од домашната градежна компанија „Гранит“, кажа директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, во гостување на ТВ Сител. Според него, се прават подготовките и до крајот на јули очекува договорот да биде потпишан.
„Се мобилизира теренот, се мобилизира ’Гранит’, така што очекуваме во август, втората половина, да се почне тој фамозен пат што долго се најавуваше и којшто е од големо значење за Македонија и Косово, со оглед на тоа што има голем фреквенција на луѓе, опрема и возила коишто гравитираат од Македонија, па одат за Косово, некогаш и за Црна Гора и за Албанија. Тоа е многу прометен пат“,
рече Трајановски.
Надзорот е во фаза на избор од страна на ЕБРД и ЈПДП и по воведувањето во работата ќе почнат теренските активности, подготовката и расчистувањето на трасата, посочи Трајановски.

Фото: Принтскрин
Во однос на цената која изнесува околу 20 милиони евра по километар, директорот на ЈПДП вели дека станува збор за комплексен планински предел, каде што се предвидени повеќе тунели и мостови.
„Тоа е планински предел на Скопска Црна Гора, во тој дел има многу тунели, пет тунели, девет моста и многу косини – ридести делови што треба да се пробиваат. Треба милионски кубни метри земјиште или камена маса да се извади од таму. Има и многу потпорни ѕидови кои треба да се направат, мостови и потпатници. Така што во голем процент на овие 10 километри има објекти и сето тоа ја усложнува работата“
додаде Трајановски.
Трајановски посочи и дека ќе се запази рокот за изградба на автопатот Кичево-Охрид , кој со трите заеми ќе достигне вредност од околу 800 милиони евра.
„Очекуваме на крајот на октомври да го пуштиме делот од Извор, да се качиме на автопатот и преку тунелот до Врбјани (од Врбјани до Ботун веќе е автопатско решение), а следната година во мај очекуваме да биде запазен рокот. Има динамика за тоа со третиот кредит што го зеде ЈПДП. Има добар динамички план. Веќе се гледа крајот, се гледаат работите што не беа предвидени како нови технички решенија за галериите. И денеска сите инволвирани – изведувачи, проектанти, надзор, имавме состанок кај вицепремиерот, така што тој рок останува“,
рече Трајановски.
