Претседателот на ДС е за вметнување на Бугарите во Уставот, но тоа ќе го поддржи само доколку има реципроцитет и од бугарска страна односно се признаат правата на Македонците во Бугарија
На лидерската средба се разговарало и за предвремени избори која тема, според Трајанов, може да се наметне доколку не се обезбеди единство за важните прашања во државата. Тој сугерирал и за евентуално формирање на широка влада, но, како што рече, ДС не е моќна партија за тоа да го наметне
Во целина добро е што се разговараме, но проблемот е тоа што за ниту едно прашање не се изгради заеднички став, изјави денеска лидерот на Демократскиот сојуз (ДС), Павле Трајанов, по лидерската средба во Собранието со претседателите на парламентарните партии што ја иницираше премиерот Димитар Ковачевски.
„Ваквите разговори треба да продолжат и треба да се направи дополнителен напор од СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и другите партии доколку сакаме единство. Инаку сум Бугарите да влезат во Уставот, тоа не е никаков проблем бидејќи тие и досега ги уживаат сите права како и другите заедници, но тоа да се одвива на реципрочна основа“,
рече Трајанов.
Тој на денешната средба предложил да се излезе со заедничко барање до бугарската влада да се признае македонското малцинство таму, но не бил постигнат консензус.
„Жалам што лидерите на политичките партии имаа историска шанса да упатиме јасно барање до политичкиот врв во Бугарија да ги признаат правата на Македонците. Сигурен сум дека корените на сите проблеми се наметнати од Бугарија со тоа што ги негира македонскиот јазик и народ. Доколку го направат тој чекор, ќе биде со историски димензии и сите отворени прашања многу бргу ќе се затворат“,
смета претседателот на ДС.
Затоа, рече тој, преку медиумите сака да апелира Бугарија да ги признае правата на Македонците и да започне да ги спроведува одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбур односно да им се овозможи на Македонците таму политички да се организираат, да формираат културни друштва и други асоцијации преку кои ќе може да ги негуваат националните обележја поврзани со јазикот и културата.
На лидерската средба, според неговата изјава, се отворила и темата за предвремени избори.
„Доколку не обезбедиме единство за сите овие важни прашања за државата да оди напред па можеби логично оваа тема ќе се наметне, па партиите што се за промена на Уставот, доколку добијат поддршка тоа ќе можат да го направат. Исто, сугерирав ако е можно да се формира широка коалициска влада, но ДС не е партија која може тој став да го наметне и да го почитуваат другите“,
изјави Трајанов.
*Поврзани вести со лидерската средба:
Без заеднички заклучоци заврши лидерската средба, за Ковачевски средбата сама по себе е позитивна
(ВИДЕО) Мицкоски: Власта нема мнозинство за уставни измени, логично е да има предвремени избори
Ахмети по лидерската: Разликите не се за потценување, апелирав да се вратиме на рационалноста