Истражните тимови пронашле траги од експлозив на местата на оштетените гасоводи од „Север тек“, што потврдува дека била извршена саботажа, изјавил денеска шведскиот обвинител, пренесува Ројтерс.
Шведските и данските власти истражуваат четири оштетувања на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ кои ги поврзуваат Русија и Германија преку Балтичкото Море за испорака на руски гас.
Данска минатиот месец соопшти дека прелиминарната истрага покажала дека протекувањето било предизвикано од силни експлозии.
„Анализата што е сега направена покажува траги од експлозив на неколку од предметите што беа пронајдени“,
се наведува во соопштението на шведското обвинителство, пренесува агенцијата.
Оттаму додаде дека станува збор за многу сложена и сеопфатна истрага.
„Тековната истрага ќе утврди дали може да се идентификуваат некои осомничени“,
навеле од обвинителството одбивајќи да дадат дополнителни коментари.
Експлозиите што го потресоа Балтичкото Море и во кои беа оштетени цевководите Северен тек 1 и 2 се случија кон крајот на септември. Цевководите од беа оштетени на четири места, две во шведските и две во данските води.
Уште на почетокот на октомври шведската безбедносна агенција соопшти дека нејзината прелиминарна истрага за истекувањето гас од двата гасоводи Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море ги „засилила сомнежите дека станува збор за сериозна саботажа“ како причина за истекувањето.