Кои се идентитетите на жртвите официјално не се потврдува. За таа цел, истражните органи во двете земји ќе разменат биолошки материјал од роднините на патниците. Досега е направен распит на преживеаните, но само двајца од нив дале исказ, додека останатите биле во шок и не биле во состојба да сведочат

Неколкудневното туристичко патување до Истанбул преку македонската агенција „Беса Транс“, вчера вечер околу 2:30 часот заврши трагично кога еден од автобусите имаше несреќа и се запали при што загинаа голем број државјани на Северна Македонија. Трагедијата стана најголемата автобуска несреќа што се случила во Европа во последните десет години. Како дошло до несреќата, дали и кој е виновникот, се дел од прашањата на кои одговор во наредниот период треба да даде истрагата. Неа ќе ја води бугарското обвинителство во соработка со македонското.
Загинаа 46 лица – следува идентификација на жртвите
Во медиумите и во земјава и во Бугарија од утрово можеа да се прочитаат информации за најмалку 45 или 46 загинати.
Она што го говорат последните официјални податоци објавени од Јавно обвинителство на Северна Македонија, според првичните информации во несреќата загинале 46 лица, а седуммина се повредени.
Кои се идентитетите на жртвите официјално не се потврдува. За таа цел, истражните органи во двете земји ќе разменат биолошки материјал од роднините на патниците. Според директорот на бугарската Национална служба за истрага Борислав Сарафов, идентитетот на жртвите се очекува официјално да се утврди за неколку дена.
Преживеаја седум патници – дел од нив веќе дале искази
Откако бугарските институции дале официјална потврда, Министерството за надворешни работи (МВР) на Северна Македонија објави список на седумте преживеани патници. Петмина од нив се наши државјани: Ебип Пајазитовски (24.09.1972); Ѓула Јашаровска (16.06.1972); Зулејха Јашаровска (12.05.2005); Минир Јашаровски (06.01.1971); Медина Љутвиј (21.05.1996). Еден е државјанин на Србија-Љуљзим Сулејмани (04.05.1995), а еден на Белгија – Орхан Алити (12.04.1976).
Сите се во добра здравствена состојба и се хоспитализирани во софиската болница „Пирогов“.
Досега е направен распит на преживеаните, но само двајца од нив дале исказ, додека останатите биле во шок и не биле во состојба да сведочат.
Човечка грешка или техничка неисправност?
Патниците во автобусот ги загубија животите откако возилото удрило во заштитната ограда по што настанал пожар и се слушнала експлозија. Која е причината за да дојде несреќата е прашањето околу кое во овој момент истрагата не може да даде одговор.
Како што рече денеска директорот на бугарската Национална служба за истрага, прашањата од новинарите за деталите се легитимни, но во моментов не може да се дадат конкретни одговори бидејќи ситуацијата се менува секој час.
Сарафов околу истрагата зборуваше од местото не несреќата каде беше во друштво на државниот обвинител на Северна Македонија, Љубомир Јовески, и шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Претходно во првичната изјава тој како можни причини ги посочи грешка на возачот или ненадејна техничка неисправност на автобусот.
За разлика од Сарафов, според изјавите кои ги пренесоа бугарските медиуми, секретарот за безбедност на градот Перник, Васко Пиргов, беше подиректен околу причините. За БТВ, тој изјави дека автобусот се движен со над 100 километри на час и нема ниту еден милиметар знаци на кочење и наведе дека несреќата настанала како резултат на човечка грешка.
Тој вели дека автобусот не се превртил, а возачот се обидел да сврти в лево, додавајќи дека има снимен материјал „што и не е пријатен за гледање“.
„Глетката е страшна. Предниот дел на автобусот е изгорен, луѓето што се наоѓаат во (болницата) ’Пирогов‘ биле во задниот дел на автобусот. Десното стакло на автобусот било скршено и од таму излегле“,
изјави Пиргов.
Четири автобуси на „Беса транс“ биле во турата – останатите три се вратиле во земјава
Туристичкото патување на агенцијата „Беса транс“ за Истанбул било со четири автобуси, но тие не возеле во конвој туку на оддалеченост од 15 до 20 минути.
Трите останати автобуси, околу час и половина по несреќата, рано утрово околу 4 часот го минале граничниот премин Ѓуешево-Деве Баир и веќе се во Македонија, потврдиле службеници од овој граничен премин за Бугарското национално радио (БНР).
Сопственикот на „Беса транс“, денеска исто така беше на местото на несреќата и според неговите сведочења, неговите автобуси досега немале други сообраќајки.
„Тој ми рече дека веќе 20 години има транспортна компанија и досега немало ниту еден инцидент. Ние ќе ги обезбедиме сите документи за фирмата и за автобусите – регистрација, технички прегледи и ќе им ги доставиме на колегите во Бугарија“,
изјави обвинителката Рускоска.
Министерството за транспорт и врски, пак, денеска преку соопштение наведе дека на „Беса транс“ има важечка лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници со сериски број 007017 со важност од 08.08.2018 година до 08.08.2022 година. Меѓутоа, во соопштението кое го објавија наведоа и дека од тој момент превозникот се нема обратено до нив со поднесено барање за добивање извод од лиценца за ново набавено возило.