Нема можност автобусот да се излизгал на патот, нема знаци на кочење. Автобусот се запалил од предниот дел. Во самиот автобус имало туби со нафта, вели Пиргов
Автобусот се движел со над 100 километри на час и нема ниту еден милиметар знаци на кочење, што значи дека возачот не реагирал адекватно. Несреќата апсолутно настанала како резултат на човечка грешка, изјави секретарот за безбедност на Перник, Васко Пиргов, за БТВ кој пристигнал на местото на инцидентот заедно со првите полицајци и пожарникари.
Тој вели дека автобусот не се превртил, а возачот се обидел да сврти в лево, додавајќи дека има снимен материјал „што и не е пријатен за гледање“.
„Глетката е страшна. Предниот дел на автобусот е изгорен, луѓето што се наоѓаат во (болницата) ’Пирогов‘ биле во задниот дел на автобусот. Десното стакло на автобусот било скршено и од таму излегле“,
изјави Пиргов.
Тој рече дека пред несреќата автобусот застанал на бензинска станица на патот „Струма“, каде што патниците отишле во тоалет и направиле пауза околу половина час и смета дека е исклучена веројатноста возачот да заспал, бидејќи бензинската станица се наоѓа на 15 минути возење до местото на несреќата.
„Патот е во перфектна состојба. Овде станува збор за грешка на возачот. Нема можност автобусот да се излизгал на патот, нема знаци на кочење. Автобусот се запалил од предниот дел. Во самиот автобус имало туби со нафта“,
вели Пиргов и додава дека огнот започнал од предниот дел на автобусот, најверојатно во системот за греење.
Тој информира дека во 3:04 часот ја добил информацијата за настанот, а во 3:30 стигнал на местото на несреќата, каде што имало противпожарни и возила на брзата помош.