Компанијата „Беса транс“ досега немала сообраќајни незгоди, но обвинителството најавува дека ќе ја проверува документација за техничката состојба на автобусите
Против превозникот „Беса транс“, чиј автобус рано изутринава имаше сообраќајна несреќа во Бугарија во која загинаа 46 лица, Државниот инспекторат за транспорт претходно годинава поднел четири кривични пријави поради непочитување на ковид-протоколите предвидени за јавен превоз на патници.
Министерството за транспорт и врски претходно соопшти дека „Беса транс“ имала важечка лиценца до 8 август следната година.
„Кон барањето е доставена целокупната документација согласно член 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај, со што превозникот ги исполнил условите предвидени во Законот и му е издадена лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници. Со барањето за добивање на лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници, превозникот ги исполнил условите за добивање на лиценца и издадена му е лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници со сериски број 007017 со важност од 08.08.2018 година до 08.08.2022 година. Од тој момент превозникот се нема обратено до Министерството за транспорт и врски, Сектор за патен сообраќај, со поднесено барање за добивање на извод од лиценца за ново набавено возило.“
соопштува Министерството за транспорт и врски.
Компанијата „Беса транс“ досега немала сообраќајни незгоди, но како што изјави шефицата на Основното јавно обвинителство Вилма Рускоска, мора да се провери соодветната документација за техничката состојба на автобусите.
Според првичните информации, автобусот во сообраќајката во Бугарија бил нов и во функција е само три години.