Од она што досега може да се каже, според директорот на бугарската истражна служба, е дека во автобусот имало и втор возач, но не се знае дали е меѓу преживеаните. Досега се испрашани само двајца од повредените бидејќи другите се во шок, а има и очевидци на несреќата со кои ќе се разговара
За автобуската несреќа што рано утрово се случи на автопатот Струма во Бугарија, кога автобус со македонски државјани се запали при што загинаа 46 лица, ќе се води една истрага во Бугарија во соработка со македонските институции.
Директорот на бугарската Национална служба за истрага Борислав Сарафов изјави дека од она што досега е познато, во автобусот имало и втор возач, но засега не е познато дали тој е меѓу преживеаните.
Туристичкото патување до Истанбул на фирмата „Беса транс“ било со четири автобуси, но не возеле во конвој туку возеле на оддалеченост од 15 до 20 минути.
Досега е направен распит на преживеаните кои се во болницата „Пирогов“, но само двајца од нив дале исказ, додека останатите биле во шок и не се во состојба да сведочат. Сарафов рече дека има и очевидци на несреќата и со нив ќе се разговара.
Тој додаде дека и покрај легитимните прашања од новинарите за деталите, во моментов не може да даде конкретни одговори, бидејќи ситуацијата се менува секој час, врз основа на информациите.
Само повтори дека како можна причина е или неисправност на автобусот или човечка грешка.
На прашањето, дали во автобусот имало дополнително гориво, како што објавија некои медиуми, Сарафов рече дека не му е познат таков момент.
Државниот обвинител на С Македонија Љубомир Јовески, кој заедно со шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска е на самото место, рече дека македонските органи ќе ги обезбедат сите документи што ќе ги побараат бугарските истражни органи и преку соработка ќе се дојде до разјаснување на околностите за трагедијата и ќе се помогне во идентификација на жртвите.
Ќе се достави и биолошки материјал од роднините на патниците, за да се утврди идентитетот на жртвите кои загинаа во изгорениот автобус. Според Сарафов, такви информации би се очекувале за неколку дена.
Од Канцеларијата на главниот обвинител на Бугарија соопштија дека ќе се води само една истрага, и тоа во Бугарија во соработка со македонските институции.
Обвинителката Русковска рече дека на самото место на несреќата е и сопственикот на компанијата „Беса транс“ со кого таа разговарала.
„Тој ми рече дека веќе 20 години има транспортна компанија и досега немало ниту еден инцидент. Ние ќе ги обезбедиме сите документи за фирмата и за автобусите – регистрација, технички прегледи и ќе им ги доставиме на колегите во Бугарија“,
рече Рускоска.
Таа, сепак, додаде дека како обвинители повеќе веруваат на документи отколку на изјави.