Според медиумските извештаи, посадата на авионот ја сочинувал петчлен екипаж, чија судбина засега е непозната
Локалната контрола на летање се обидела да го насочи авионот, но три минути подоцна радарските системи покажале дека тој брзо се спушта, а комуникацијата со екипажот била изгубена
Товарен авион од типот „боинг 737“, регистриран во Пакистан, вчеравечер изгубил контакт со контролата на летање, откако пријавил проблем со навигацискиот систем на пат кон Карачи, соопштиле пакистанските воздухопловни власти, пренесуваат светските медиуми.

Според медиумските извештаи, посадата на авионот ја сочинувал петчлен екипаж, чија судбина засега е непозната.
Првичните податоци, според веб-страницата за следење летови „Флајтрадар 24“, на кои се повикува британски „Гардијан“, укажуваат дека 27 години стариот авион, кој од патнички бил пренаменет во товарен и со него управувала комапнијата „К2 ервејс“ од Шарџа во Обединетите Арапаски Емирати (ОАЕ) веројатно се урнал во морето југозападно од Карачи, по серија нагли промени на надморската височина, пред да почне стрмно да се спушта кон Арапското Море.
Надлежните пакистански власти соопштиле дека е започната координирана операција за пребарување и спасување на море во која учествуваат повеќе агенции и дека е во тек лоцирање на местото каде што веројатно се срушил авионот.
Од компанијата „К2 ервејс“ изјавиле дека соработуваат со Управата за цивилно воздухопловство на Пакистан, како и со други владини служби на земја за пронаоѓање на леталото.
„Продолжуваме да се молиме за безбедноста на нашите колеги“,
објави операторот на авионот на Фејсбук.
Од компанијната „Боинг“ засега не одговориле на барањата за коментар во врска со авионската несреќа.
Авионот, како што пренесуваат светските агенции, пријавил проблем со навигацискиот систем во 21:18 часот, според пакистанско стандардно време (17:18 според средноевропско време), додека летал кон Карачи, соопштиле од управата на аеродромот во пакистанскиот град.
Локалната контрола на летање се обидела да го насочи авионот, но три минути подоцна радарските системи покажале дека авионот брзо се спушта, а комуникацијата со екипажот била изгубена. Според соопштението, авионот во тие моменти бил на околу 287 километри оддалеченост од Карачи.
Податоците на „Флајтрадар 24“ покажале нагли промени на висината на која летал авионот. Тој летал на висина од околу 11 километри, по што за помалку од една минута се спуштил на околу 1 500 метри висина, за триесетина секунди да се врати на 1 800 метри. Последната точка за која е пренесен податок наведува дека авионот се наоѓал на околу 300 метри надморска височина, со вертикална брзина од околу 400 километри на час, што е исклучително стрмна и абнормална брзина на спуштање.

„Секогаш кога ќе видите нешто екстремно како ова, ви го привлекува вниманието, но прерано е да се каже што значи без повеќе информации“,
ја пренесува „Гардијан“ изјавата на Ентони Брикхаус, консултант за воздухопловна безбедност.
Исчезнатиот „боинг 737“, според извештаите на медиумите, е единствениот авион на компанијата „К2 ервејс“ кој превозникот почнал да го користи од 2024 година. Пред последниот пат, според „Флајтрадар 24“, авионот претходно летал на 28 јуни.
