Прашан во врска со екипираноста на Министерството за внатрешни работи за текот на изборниот процес, министерот изјави дека МВР постапува согласно планот утврден во рамките на Оперативниот штаб и сè тече како што треба
Еден час и 15 минути по отворањето на избирачките места на кои граѓаните имаа можност да го дадат својот глас за својот фаворит на седмите по ред претседателски избори во државата, техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски во изјава за медиумите рече дека до тој момент безбедносната состојба е стабилна и нема никакви нарушувања на изборниот процес.

Тој, откако гласаше во Општинското основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Општина Центар, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека очекува граѓаните на земјава да го остварат своето право на глас во мирни, фер и демократски услови.
„24.4.2024 година, 8:15 часот, досега безбедносната состојба е стабилна. Нема никакви нарушувања на изборниот процес, немаме забележано никакви посериозни нарушувања на изборниот процес, така што времето е убаво, се надевам дека ќе остане така во текот на денешниот ден и дека граѓаните на Република Македонија ќе можат да си го остварат своето право на глас во рамки на едни мирни и фер демократски услови, како што ѝ доликува на Република Македонија“,
рече Тошковски.
Прашан во врска со екипираноста на Министерството за внатрешни работи за текот на изборниот процес, министерот изјави дека МВР постапува согласно планот утврден во рамките на Оперативниот штаб и сè тече како што треба.
„Квалитативно и квантитативно, мислам дека бројките се како што треба. Покриени се сите сектори за внатрешни работи од аспект на технички и човечки ресурси, така што Министерството за внатрешни работи постапува согласно планот и оперативната акција којашто како таква е утврдена во рамки на Оперативниот штаб и сè си тече како што треба. Мислам дека ќе си помине изборниот ден во најдобар ред“,
рече Тошковски.