„Криминал имало, има и ќе има. Прашањето е како безбедносните служби, како МВР ќе реагира и како ќе одговори на тој криминал. Дали ќе биде соучесник како претходно многупати или ќе одговори соодветно и ќе даде максимум од себе и за два часа ќе ги уапси сторителите што го сториле убиството“, вели министерот
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најавува засилени мерки за контрола на поседувањеto нелегално оружје.
Според него, мора да се дефинира кој сè може да поседува оружје во државата.
„Веќе интензивно работиме во насока на откривање, како досега, и од страна на МВР се издавале соодветни дозволи за поседување оружје. Секој граѓанин што побарал дозвола, посебно ловџиите знаат дека се злоупотребувале овластувањата што ги дава законодавецот во рамки на оваа постапка и интензивно работиме на утврдување како е дозволувано привилегирање на некое лице за добивање дозволи, да издаваат дозволи на лица што согласно закон не би смеело да им се издава и да го овозможат овој хаос што го имаме“,
рече Тошковски во во интервју за „Дневникот“ на МТВ.
Тој најави дека ќе се истражат овие постапки и ќе бидат преземени соодветни чекори.
„Над 5 000 луѓе не можеле да се стекнат со дозволи иако ги исполнувале условите, а одреден број луѓе кои никако не би смееле се стекнале со право на поседување оружје. Во иднина ќе утврдиме јасна и прецизна процедура како да се стекнат со оружје исклучиво граѓаните кои ги исполнуваат сите законски услови за тоа“,
додаде Тошковски.
Министерот најави дека полицијата веќе почнала со засилени мерки и оти има констатирано огромен број прекршоци.
„Во текот само на 2024 година се запленети 104 парчиња оружје од страна на МВР, од кои девет автоматски пушки, 39 пиштоли, 35 ловни пушки итн. Криминал имало, има и ќе има. Прашањето е како безбедносните служби, како МВР ќе реагира и како ќе одговори на тој криминал. Дали ќе биде соучесник како претходно многупати или ќе одговори соодветно и ќе даде максимум од себе и за два часа ќе ги уапси сторителите што го сториле убиството како примерот кај трговскиот центар ’Мавровка’“,
рече Тошковски.
Тошковски упати и повик граѓаните што барале дозвола за поседување оружје, а на кои можеби им било нешто побарано или на кој било друг начин од страна на полициски службеник била злоупотребена позицијата што ја имаат со закон, да пријават во Министерството.