Според Тошковски, статистиките на жртви во сообраќајот покажуваат дека во Македонија има повеќе жртви споредено со земјите од ЕУ и МВР презема мерки, во склоп на своите надлежности, тоа да се промени
Полицијата синоќа спровела зајакната акциска контрола на скопските уллици со цел санкционирање на прекршоците што ги прават возачите на мотоцикли. Во акцијата, како што информира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, биле контролирани повеќе од 130 мотоцикли и мотори, а казнети се 63 возачи.
Од нив, 32 возачи не користеле заштитна кацига за време на возење, шест возачи возеле без возачка дозвола, 12 возачи имале несоодветна категорија, два мотоцикли не биле регистрирани и еден возач поминал на црвено светло.
„Во последниот период, до Министерството за внатрешни работи пристигнаа многу поплаки од граѓаните за несовесно и агресивно возење, особено на возачи на мотоцикли во централното градско подрачје на Скопје. Исто така и самиот сум бил сведок на такво непримерно однесување кое ги нарушува јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните. Поради овие причини, лично иницирав спроведување на акциска контрола, насочена кон санкционирање на овие прекршоци и враќање на безбедноста на нашите улици“,
напиша Тошковски на Фејсбук и најави дека акциските контроли во рамките на оперативната акција ќе продолжат и во идниот период со засилен интензитет.
Според Тошковски, статистиките на жртви во сообраќајот покажуваат дека во Македонија има повеќе жртви споредено со земјите од ЕУ и МВР презема мерки, во склоп на своите надлежности, тоа да се промени. Во текот на минатата 2023 година имало 127 жртви во сообраќајни незгоди на територијата на цела држава, од кои 39 се во Скопје. За првите шест месеци од оваа година пак, има 57 жртви, од кои 14 се во Скопје.
„Министерството за внатрешни работи почнува бескомпромисна борба против сите видови криминал и нарушувања на јавниот ред и мир. Никој нема право да го нарушува мирот и спокојот на граѓаните како во Скопје, така и во целата држава, без разлика дали се работи за криминална нарко банда или несовесен возач на мотор кој го нарушува мирот и безбедноста на булеварот Партизански одреди. Законот мора и ќе важи за сите и секој што го крши, ќе биде казнет“,
порача првиот човек на полицијата.