Министерот за внатрешни работи објасни дека во документот се утврдуваат јасни насоки и правила за постапување на полициските службеници и јавните обвинители во постапките за откривање и гонење на сторители на кривични дела, со што би се подобрило функционирањето и ефикасноста на кривичниот прогон
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски потпишаа нов протокол за соработка меѓу МВР и Јавното обвинителство со цел јакнење на меѓуинституционалната координација.

Тошковски објасни дека во документот се утврдуваат јасни насоки и правила за постапување на полициските службеници и јавните обвинители во постапките за откривање и гонење на сторители на кривични дела, со што би се подобрило функционирањето и ефикасноста на кривичниот прогон.
Рече дека протоколо е знак на волја за заедничка акција, заснована на доверба, транспарентност и отчетност.
„Прецизните правила значат поголема ефикасност за институциите, за правдата и за законите, ќе ја зацврстат нашата меѓусебна координација и ќе креираат една силна институционална алатка повеќе за борба со сите форми на криминал и корупција со кои се среќаваме секојдневно. Со потпишување на овој Протокол ги поставуваме темелите на доверба и соработка, каде што заедничката цел е јасна – успешно откривање и докажување на кривичните дела и нивните сторители и ефикасно спроведување на кривичната постапка“,
порача министерот за внатрешни работи.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски порача дека протоколот не е никаква политичка декларација туку, како што рече, оперативен план заснован на законите за кривична постапка.
„Ги поедноставува процедурите за соработка, обезбедува јасност во сложените случаи и ја засилува координацијата во посебните мерки за истрага. Нашите институции се соочуваат со високо софистицирани форми на криминал и овој протокол ќе ни помогне да се адаптираме и да се соочиме со тие предизвици“,
рече републичкиот јавен обвинител.
На потпишувањето на протоколот присуствуваше и шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал, кој учествуваше во креирањето на документот. Нагласи дека МВР и Обвинителството влегуваат во нова фаза на соработка, а дека со потпишувањето на протоколот ќе се овозможи многу поефикасна борба со сложените криминални случаи, корупцијата, организираниот криминал, финансиските криминали и киберкриминалот.