Студијата на научниот тим од Институтот за технологија на Масачусетс (МИТ) потврдува дека топлото и влажно време може да го забави ширењето на коронавирусот.
Ова е второ истражување кое ја потврдува првичната теза на кинеските научници кои објавија дека повисоките температури и влагата ја попречуваат трансмисијата на ковид-19.
Двајцата научници од МИТ, Касим Букари и Јусеф Џамел, направиле анализа на голем дел од случаите на коронавирус ширум светот и заклучиле дека заразата најмногу се ширела до 22 март и тоа во регионите каде што температурата била меѓу 3 и 17 Целзиусови степени и влажност од 4 до 9 грама водена пареа на кубен метар.
Во земјите каде што просечната температура била на 18 Целзиусови степени и во кои влажноста на воздухот е поголема од 9 g/m3, вкупниот број на забележани случаи изнесува само 6 отсто од вкупниот број.
„Таму каде што температурите биле пониски, бројот на случаи бргу се зголемувал. Тоа особено се забележува во Европа“,
изјавил Букари за Њујорк тајмс.
Научниците напоменуваат дека важна улога има и влажноста на воздухот и дека монсуните во азиските земји би можеле значително да придонесат за забавување на ширењето на вирусот, бидејќи апсолутната влага во тој период изнесува над 10 грама на кубен метар.
Сепак, тие укажуваат дека ниту топлото време ниту влажниот воздух нема да го елиминираат коронавирусот, туку ќе помогнат да се забави неговото ширење.